Кочанско семејство бара помош: Преку ноќ ни се промени животот, имаме деца за гледање, а двајцата со сопругот паднавме болни!

by fokus

Имавме добар живот со сопругот и децата, кои сега се на возраст од 13 и 17 години, се до пред неколку години, кога започна нашата агонија. Првин јас морав да оперирам тумор на мозок, пред две години, а потоа, пред 16 месеци сопругот, прав, здрав маж, шофер, доби мозочен удар и стана неподвижен, во постела.

И двајцата болни, неспособни за работа, не можеме да ги собереме потребните средства за нашето лекување и моравме да замолиме за помош од јавноста – за ,,Фокус” раскажува 43-годишната Мирјана Малчева од кочанско Тркање.

Таа вели дека единствена шанса за излез од состојбата гледаат во лекувањето на сопругот Димче на клиниката Неуромедик Група во Ниш, Србија, но не можат да ги обезбедат потребните 11.500 евра. И за нејзино лекување биле потребни дополнителни средства, бидејќи по операцијата на мозокот се соочила со многу компликации и и била потребна барем уште една медицинска интервенција, за да може да започне да фукционира нормално.

-Живееме со околу 14.000 денари од кои околу 10.000 денари сопругот ги добива како боледување и 4.000 денари нега. Повозрасниот син е ученик во средно училиште, оваа година треба да биде матурант, но мораше да го продолжи школувањето вонредно и да најде работа, за да допринесе дома и да ни помогне.
Многу ни е тешко на сите. Освен што се мачиме двајцата болни, и едвај врзуваме крај со крај, не знаеме како да ги собереме потребните средства за лекување.
Не е лесно да се моли за помош од хуманиот народ, но принудени сме на тој чекор, бидејќи друг излез немаме – раскажува Мирјана.

За нејзиниот сопруг кој имал 51 година, појаснува дека немал никакви здравствени проблеми и работејќи како шофер заработувал за семејството. Пред 16 месеци, откако примил втора доза на вакцина против ковид, уште истиот ден започнал да се жали дека не се чувствува добро. По една недела доживеал мозочен удар и оттогаш останал во постела.

-Се беше во ред со Димче, никој не можеше да претпостави дека вакво нешто ќе се случи. Започна да се жали дека не му е добро кога се врати од примањето на втората доза на вакцината против ковид, почнаа да го болат и нозете, не му беше добро. Не знаеме зошто и како се случи, но само по една недела тој го доживеа мозочниот удар кој го остави неподвижен.
Еве, веќе една година и четири месеци тој е во кревет и јас колку што можам се грижам за него. Лекувањето во Ниш го гледаме како единствена шанса да му се подобри состојбата, да стане од кревет, да биде независен- појаснува жената.

Семејството веќе го посетил штипскиот хуманитарец Александар Ѓорѓиевски, кој исто така апелира до општествено одговорните фирми, но и до градоначалникот и Општина Кочани да им се помогне на овие луѓе.

Може да се донира на сметката на Мирјана Малчева -200002663191834, Стопанска банка, и на телефонот за донации на Телеком 143 – 183. Наредните денови се очекува и телефонска линија од А1.

Вики Клинчарова

Поврзани новости