Сега кога блиската Ерменија потклекна под притисокот од Москва, влегувајќи во Евроазиската Економска Унија, наместо да потпише договор за асоцијација со ЕУ, сите погледи се свртени кон Грузија. Не дека постоеше сомневање за ориентираноста на земјата. Според последните истражувања на Caucasus Research Resource Centers (CRRC), мнозинството Грузијци го поддржуваат евентуално приклучување кон ЕУ наспроти руската алтернатива.
Според годишникот Caucasus Barometer издаден од CRRC, на почетокот на 2014 година, 65 отсто од Грузијците всушност се ЗА влез во ЕУ, а 32 отсто се за приклучување кон Евроазиската Економска Унија. Во Ерменија процентите беа 40 отсто и 55 отсто, додека Азербејџан засега не манифестира желба за влез во ниту една асоцијација. Само 34 отсто од интервјуираните го поддржуваат приклучувањето кон ЕУ.
Сепак, тврдат некои, мал број државјани од трите земји од јужниот дел на Кавказот целосно ги разбираат последиците и предностите на договорот за асоцијација со ЕУ. Турција, на пример, го потпиша договорот во 1963 година, а по повеќе од половина век, се уште се чека да ги задоволи критериумите за приклучување.
Од друга страна, договорот за асоцијација ќе овозможи поблиски економски и политички односи со Европа, како и приоритетен третман во трговскиот сектор преку договорот за слободно тргување DCFTA (Deep and Comprehensive Free Trade Agreement). Сето ова ќе зависи од реформите остварени во областа на човековите права и на демократските реформи, но токму во овие области грузиските амбиции би можеле да наидат на сопки.
Во неделата на 13 април овие проблеми избија на површина во форма на два одделни настани, кои се манифестираа случајно или не, неколку часа пред еден концерт организиран на плоштадот Европа во Тбилиси, од страна на граѓанските асоцијации кои имаа за цел да ги промовираат евроинтеграциите.
Наводно политичко прогонство
ЕУ негира дека изборот е геополитички, но не и поранешната владејачка партија, Движење за Национално Единство (UNM). Покрај влезот во НАТО и со текот на случувањата во Украина, на Европа се гледа како на идеолошки избор за отстранување на руското влијание во регионот.
Тоа беше очигледно на првиот настан, протестот пред Државната канцеларија на Грузија, каде се бараше од надлежните да го осудат „јавното негирање на руската агресија“.
Лицата што протестираа бараа да се стави крај на јавното прикажување руски симболи во Грузија и да не се пренесуваат руските телевизиски канали. Иницијативата беше организирана од група наречена Ивериа, но присуството на членови на UNM, меѓу кои Џиџи Угулава, градоначалникот на Тбилиси, суспендиран после обвинувањето за корупција, не помина незабележано. Угулава е само еден од многуте функционери на UNM кои завршија на суд од новата владина коалиција Грузиски сон.
Ниту поранешниот претседател Микхеил Саакашвили не е поштеден од истрагите: минатиот месец беше повикан во Грузија да одговори за неколку отворени случаи пред обвинителството. И Европа и САД беа вознемирени.
„Никој не е над законите, но европските практики и стандарди мора да се спроведуваат совесно“, напиша на Твитер Штефан Филе, европскиот комесар за проширување.
На 15 април, грузискиот премиер Иракли Гарибашвили објави мониторирање на судските процеси на бившите функционери кои се во трка на локалните избори во јуни. Останува да видиме што ќе се случи подоцна.
Правата на ЛГБТ
Второто прашање е уште поконтроверзно во земјата. Минатата година на 17 мај 2013 година, во центарот на Тбилиси, некои свештеници „разгореа“ илјадници верници разгневени против неколку десетици ЛГБТ активисти кои одлучија да го прослават Меѓународниот ден против хомофобијата и трансфобијата (IDAHOT). По проблемите што произлегоа, Идентоба, главната ЛГБТ невладина организација во Грузија, не се ни осмелува наредниот месец повторно да го предложи настанот. Тоа не ги спречи членовите на Православната црква во Грузија и на Асоцијацијата на православните родители да организира свој протест пред поранешната зграда на парламентот, додека Ивериа го завршуваше својот анти-руски протест пред канцеларијата. На ова совпаѓање се гледаше како на предупредување за Европа и за Владата дека правата на ЛГБТ заедницата нема да добијат никаков простор во Грузија.
Според истражувањата на CRRC спроведени по случувањата на 17 мај во Тбилиси, 57 отсто од интервјуираните веруваат дека оддржувањето на настани против хомофобијата и трансфобијата ја „ставаат земјата во ризик“.
Според Caucasus Barometer од 2011 година, 87 оотсто од интервјуираните изјавиле дека хомосексуалноста не може „никогаш да се оправда“.
Не изненадува тоа што на 27 март, Гарибашвили предложи промена на Уставот за да го дефинира бракот како „единство меѓу еден маж и една жена“, за да избегне било каква шпекулација во земјата што се однесува до одобрувањето на Законот за антидискриминација побаран како дел од договорот за либерализација на визниот режим со ЕУ. Според критичарите, потегот подразбира смирување на свештенството, бидејќи оваа дефиниција веќе постои во законот.
“Прогресот на Грузија во последната година покажува дека земјата е целосно подготвена за потесни односи со Европа. Грузија исполни значителни прегресии во различни сектори, меѓу кои борба против корупцијата, јавната администрација и изборните реформи“, изјави за Опсерваторијата Ека Гигаури, директорот на Транспаренси Интернешнл Грузија.
Европски вредности
Транспаренси Интернешнл Грузија беше една од 100-те невладини организации на Националниот Форум на граѓанското општество од источниот партнер кои го организираа концертот “Да ја избереме Европа“.
“Идејата беше да се докаже еднаквоста на грузијските граѓани кога станува збор за иднината на Грузија и дека изборот за интеграција во ЕУ е донесен од народот, а не од една или друга политичка страна. Мали се разликите помеѓу двете администрации во овој сектор. Генерално, сите главни политички партии, како и мнозинството граѓани ги поддржуваат европските идеи и вредности како демократијата, правото и слободата на изразување, слобода на душата, прифаќањето на другите и толерантноста“, вели Гигаури.
Но, токму ова „прифаќање на другите“ е најважниот тест за идната интеграција на Грузија.
„Сигурен сум дека можеме да направиме и ќе направиме на начин да стигнеме до Европа“, изјави Лаша Тугуши, претседател на Либералната Академија и еден организаторите на концертот.
Иако официјално не беше дел од коалицијата на НВО, директорот на Идентоба, Иракли Вачарадзе беше присутен и помагаше во организацијата.
“Ќе организираме други настани во зависност од како ќе се развива ситуацијата“, изјави Вачарадзе за Опсерваторијата.
“Можеби сум премногу оптимист, но судејќи според годишниот извештај за човекови права на Стејт департментот, нетолерантноста кон сексуалното и религиозното малцинство , како и апсењата од политички причини се трите главни теми на расправа во земјата за човековите права. Ќе ми биде криво доколку другите не го признаат тоа и доколку не го стават како приоритет во нивните агенди“, рече тој.
Автор: Onnik Krikorian
Оригиналната сторија е објавена на порталот Osservatorio Balcani e Caucaso.