Групите во градинките се зголемуваат, вакцинирани 71 процент од вработените

by fokus

Градинките се подготвени за поголемо присуство на децата од 1 септември, меѓутоа и понатаму почитувањето на мерките претставува врвен приоритет. Согласно последниот пресек 71 процент од вработените во градинките се веќе вакцинирани, соопшти министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Таа изјави дека е спроведен и онлајн состанок со останатите вработени коишто се уште не се вакцинирани и три доктори заедно со претседателот на Комисијата за заразни болести со цел разбивање на дилемите коишто ги имаат невакцинираните вработени во градинките.

– Јас и понатаму заедно со сите вработени од МТСП будно ќе ја следиме состојбата со вработените во градинките, со бројот на позитивни како вработени, така и деца. Имајќи предвид дека претходно не постоеше трансмисија меѓу дечињата во градинките се надевам дека и вирусот од пандемијата на КОВИД -19 предизвикан со делта сојот ќе успееме безбедно да го премостиме и да се вратиме на нашето нормално секојдневие, рече Шахпаска.

Протоколите во градинките остануваат исти, вработените прво треба да си ја измерат сопствената температура и во текот на целиот ден да носат заштитни маски, да не влегуваат во други групи освен во групата за која што се конкретно задолжени, честа дезинфекција во услови кога им дозволуваат временските прилики, работа на отворено со децата и често проветрување на просториите во коишто престојуваат.

Моментално во градинките има 17 позитивни меѓу вработените и шест позитивни дечиња. Шахпаска информираше дека во моментот, бројката од петокот е 4.408 деца присутни во градинките, а бројот на слободни места, согласно со вчера важечките протоколи е 25.500.

Околу сместувачките капацитети во градинките, министерката посочи дека согласно анализите, коишто ги имаат, согласно епидемиолошката состојба во моментов покриени се потребите, меѓутоа факт е дека ни недостасуваат нови места за сместување на деца во градинките.

– И пред пандемијата имавме потреба од отворање на нови градинки, односно нови сместувачки капацитети. Сакам да истакнам дека и во услови на пандемија МТСП заедно со локалната самоуправа, заедно со општините продолжи со процесот на градење на градинки. Редовно ги истакнуваме бројките. За една година отворивме 15 нови градинки на територијата во целата држава, дури и во рурални средини затоа што за нас како Министерство, но пред се како Влада секое дете во државата е важно. И до крајот на годината сериозно се финализирани работите на постоечки околу 10 градинки коишто очекувам да бидат отворени, меѓутоа заради процесот на избори нема да биде тоа свечено отворање на градинките, ние би оделе да направиме увид до каде е финализирање на работите на градинките, потенцираше Шахпаска.

Таа информираше дека како Министерство испратиле допис за зголемување на групите со дополнителни дечиња.

– Меѓутоа секогаш бевме одбивани се до минатата недела кога е внесена таа одлука, препорака на Комисијата за заразни болести и вчера на владина седница беше донесена одлуката за проширување на бројот за дополнителни пет деца. Ние веќе имавме една измена на протоколот на 19 мај кога беше зголемен бројот од 15 на 20 деца во групите од две до шест години, а сега се зголемува тој број за дополнителни пет деца. Јас верувам дека грижата за децата ќе биде на ист начин како и за тие 20 деца, дека ќе биде безбедна и дека доследно ќе се почитуваат протоколите, заклучи Шахпаска.

Поврзани новости