Кои се адутите на ВМРО за градоначалници на Струмица и Битола?

by Фокус

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во следните денови треба да ги избере кандидатите за градоначалници и во Струмица, Битола, Аеродром, Карпош, каде ситуацијата е се уште отворена.

Според информации на Фокус, најголемата опозициска партија го испитувала јавното мислење за неколку потенцијални кандидати за градоначалник на Струмица, меѓу кои пратеничката Ели Панова, бизнисменот Георги Бајрактаров, докторот Никола Маџунков, а се споменува името и на уште еден доктор – Гоце Христов.

Одредени сознанија говорат дека во конкуренција бил уште еден бизнисмен – Јорданчо Јанев, кој, пак, е баџанак на партискиот лидер Христијан Мицкоски, меѓутоа за оваа информација нема официјална потврда.

Неофицијално, откако СДСМ одлучи во Струмица да настапи со пратеникот и портпарол Коста Костадинов, наместо со актуелниот градоначалник Коста Јаневски, ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе нови анкети по кои ќе ја донесе конечната одлука.

Исто така, останува празна позицијата и за Битола, каде, како што дознаваме, опозициската партија го испитува јавното мислење за докторите Благој Гочев, татко на пејачката Каролина Гочева, и Тони Коњановски, брат на екс министерот Зоран Коњановски. Дополнително, во конкуренција е и Николче Трпеновски, бизнисмен од угостителскиот сектор.

Воедно, опозициската ВМРО-ДПМНЕ во следните денови треба да пресече и околу кандидатите за градоначалници во скопските општини Аеродром и Карпош, каде, како што веќе пишувавме, изборот се врши меѓу Оливер Зафировски и Стевче Јакимовски, односно Дејан Митревски и Синиша Стојановски.

В.С.

Поврзани новости