Групен портрет на алчните

by Фокус

Во изминатите шест години, главен и единствен „реформски проект“ на „дуиџиите“, како господари, и измеќарските „комуњари“, беше прифаќањето на францускиот предлог за бугаризација. Најновиот катиљ ферман потврди дека клучен проблем не биле уставните измени, туку системскиот рушвет и алчност.

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Катиљ ферманот на Европската комисија за напредокот на недојдијата Македонија, освен оценката дека во сите области дибидус е отидена во бездна, го потврди високиот рушвет и алчноста на фиран владејачкиот самонаречен „европски фронт“.

„Корисниот идиот“ за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, со розови очила гледа на ферманот „сѐ е во ред и отпозади и однапред, со петите напред“.

Според него, во оценките имало над осумдесет отсто напредок, а немало нотирано назадување во ниту една област.

Во психотичен транс, „евроинтегративецот“ повторува дека најважно е да се донесат уставни измени, што ќе рече бугарскиот фашистички окупатор да се промовира како конститутивен народ.

Црно на бело да се признае дека е создавач и косопственик на современата македонска држава.

Не остана покусо и вицепремиерот за економија, Фатмир Битиќи, кој бладаше дека оценките биле посебно добри за економијата, каде што Македонија била најсилна.

Завалиите ја обвинија опозицијата за опструкции и блокади на европскиот пат. Како во басната за однесувањето на волкот кон јагнето, кое му ја матело водата, иако било подолу по течението на реката.

Нема логика, ама има тотална забеганост, инает и лага кај тапанарите од власта.

Наопаку, па терсене. Будалштини на тркала!

НЕ Е ЗЛАТО СЀ ШТО СЈАЕ

Со опседнатоста, родоотстапниците и неразбрани трговци, фројдовски признаваат дека нивната единствена смисла, мотив и цел е алчноста за стекнување пари, богатство и моќ.

Гревчиња, не можат ограбеното да го потрошат ниту за три животи, ама алчните очи им се ненаситни. Не за џабе народот кажал: дај му на фиљан човек пари, богатство и власт и ќе му го видиш вистинското лице.

Како во древниот мит за кралот Мида, кој посакал да му се исполни желбата сѐ што ќе допре да се претвори во злато.

Станал многу богат, но гладен и жеден, па молел да биде ослободен од ваквата моќ. Оттогаш останала поучноста од приказната дека не е злато сѐ што сјае.

Алчноста за богатство и моќ била од век и векови и ќе трае додека е светот.

Иако седумте смртни гревови не се споменати во Библијата, ги има во „Божествената комедија“ на Данте Алигиери, каде што алчноста се дефинира како многу голема „љубов кон парите и власта“.

Веќе две столетија, сатирата „Ревизор“ од Гогољ останува евергрин за корумпираноста на властодршците и нивните поданици.

Гротеска за моќта, која како феномен е иманентна и во денешниот корумпиран и криминализиран свет, глодајќи го однатре до точка од која нема враќање.

Проклетството на парите и богатството маестрално го доловува и македонскиот драматург Ристо Крле во „Парите се отепувачка“.

Отелотворени во исконското прашање за погубните последици од алчноста, која ги разнебитува општествениот систем, достоинство и чест.

Иронијата на животот е што алчните веруваат во бесмртност и вечност. Но, завршуваат како и сите простосмртници, во дупка метар на два.

ВРАНА НА ВРАНА ОЧИ НЕ ВАДИ

На место каде што се и богати и сиромашни, умни и будали, млади и стари, обични и големци.

Старата народна мудрост „Не паѓа снегот да го покрие брегот, туку траг да остави сверот“, најдобро го отсликува она што се случува во Македонија.

Повеќе од три децении добиената на тацна самостојна држава, трите статус кво криминални картели безмилосно ја ограбуваат.

Почна со владата на Бранко Црвенковски и криминалната приватизација. Врана на врана очи не вади, па владата на Љубчо Георгиевски со премолчен договор го амнестира неговиот грабеж.

Продолжија кримклановите на Никола Груевски, Владо Бучковски, Зоран Заев.

И така до денес, нивниот групен портрет стана заштитен знак за алчност.

Модус операнди за системскиот рушвет на кримкланот од актуелната генерација е ламентирањето и леењето крокодилски солзи за евроинтеграција, како алиби за дефокусирање.

Во изминатите шест години, главен и единствен „реформски проект“ на „дуиџиите“, како господари, и измеќарските „комуњари“, беше прифаќањето на францускиот предлог за бугаризација.

Најновиот катиљ ферман потврди дека клучен проблем не биле уставните измени, туку системскиот рушвет и алчност.

Криво засадена и предводена од групниот портрет со политичко-криминален клептомански ДНК, недојдијата Македонија се престори во лажна, шарена приказна. Не за џабе народот вели „Со арамии нема среќа“!

Поврзани новости