Групата Молика распали по МРТ бидејќи Анета не е избрана да пее на Евровизија: Заборавете на нас!

by Fokus

Од битолската група Молика чија вокалистка е Анета Мицевска се револтирани поради одлуката на МРТ, со која наш претставник на Евровизија годинава ќе биде групата Ај Кју, а не Анета, како што најверојатно се надевале. Тие на својата официјална страница упатија остра реакција до Македонската телевизија и порача да заборават на нив во иднина.

-А бре Македонска телевизија! Нити ве бивало за нешто, ниту ќе ве биде некогаш! Имавме кажано многу пати ние од Молика да не учествуваме на фестивали кои вие ги организирате, ама ајде, овој пат се надевавме на регуларно гласање за избор на песна за Евровизија. И што направивте? Ќе си видите после осми мај ( денот на одржување на настанот), исто како што си гледате секоја година, поточно седум години назад по ред лупете банани! Ама некој друг плаќа, поточно македонскиот народ, за вие да шетате со туѓи пари. Ние многу добро знаеме кои сме и колку можеме, а за Анета вие од МРТ немате капацитет за да слушнете која е и колку вреди. Не се секирајте, има некој од надвор што знае што е добро и што вреди. Толку од нас, во иднина да заборавете на Анета и Молика! – реагираат од групата.

Не е познато зошто од Молика очекувале токму Анета да ја претставува Македонија на Евровизија во Лисабон, Португалија, кога од МРТ беше распишан јавен конкурс, на кој имаа право на учество сите автори од земјава и од светот. Пред неколку дена, од телевизијата која е носител на лиценцата за Избор за песна за Евровизија информираа дека комисијата според правила едногласно заклучила дека одбраната композиција на евровизиската сцена, најдобро ќе ја донесе групата „Еye Cue“ којашто е матична група на авторот Бојан Трајковски, со вокалистката Марија Ивановска. Станува збор за песната ,, Lost and found“, со музика и текст на Бојан Трајковски и аранжман на Дарко Димитров.

Околу тоа како дојде до спомување на името на фолкерката Мицевска, како на можен претставник на Македонија на Евровизија, шпекулациите започнаа откако композиторот Григор Копров во одредени медиуми изјави дека испратил песна на конкурсот која била наменски работена за Анета. И групата на својата страница пред крајот на минатата година извести дека Анета ќе добие песна и ќе учествува на изборот. Но покрај песната на Копров, на конкурсот пристигнале 382 композиции, па оттаму е нејасно зошто разочарувањето и револтот на групата Молика е во толкава мера.

Како мало потсетување, групата Молика е формирана во 1995 година во Битола. Фронтмен на групата е сопругот на Анета, Џими Мицевски. Лани во ноември тој се најде во центарот на вниманието како еден од обвинетите во случајот ,,Транспортер’’ на СЈО. Во случајот „Транспортер“ се осомничени поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески и уште 20-тина лица за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола. Се товарат дека го оштетиле буџетот за околу 360.000 евра.

,,Фокус’’ не го побара мислењето на Анета ниту пак на фронтменот на групата, Џими, по повод настаните со Евровизија, бидејќи кога лани ја објавивме веста дека тој е еден од обивинетите, тој во телефонски разговор ни порача да заборавиме на било каква соработка со групата и со Анета, и како никогаш повеќе нема да дадат ниту една изјава за медиумите кои ја пренеле веста за неговата наводна вмешаност во случајот.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости