Група мажи во Мексико киднапирале, убиле и запалиле 6 млади жени

by Fokus

Обвинителите во Мексико потврдија дека шест жени кои исчезнаа на 7 март биле убиени и нивните тела запалени од банда вооружени мажи. Тоа беше едно од најголемите колективни убиства на група жени во последните години во Мексико.

Жените исчезнале на почетокот на месецов на пат во близина на градот Селаја во земјоделската и индустриска мексиканска држава Гуанахуато.

Роднините се надевале дека ќе бидат пронајдени живи.

Но, државниот обвинител Карлос Замарипа вчера рече дека експертите пронашле скелетни остатоци „речиси целосно изгорени“ во рациите на неколку имоти во четвртокот. Количината на пронајдени фрагменти од коски – Замарипа рече дека е во „стотици“ – сугерира дека телата на жените биле изгорени, а коските исецкани и расфрлани, вообичаена тактика на нарко-картелите.

„Тие одведоа шест млади жени во Хувентино Росас, каде подоцна ги убиле“, рече Замарипа. Тој рече дека мотивот за убиството се уште е под истрага.

ДНК тестовите се поклопија со петте исчезнати жени, а беа направени и повеќе тестови.

Речиси дваесетина оружје, експлозиви и илјадници дози дрога се пронајдени и на имотот, рече тој. На еден од имотите било пронајдено и тело на машка жртва на киднапирање, завиткано во пластика.

Замарипа рече дека 14 мажи биле уапсени во врска со тоа и други убиства.

Поврзани новости