Седумината ваботени во УБК кои Специјалното јавно обвинителство ги гони за уништување на службена документација, наводно поврзана со нелегалното прислушување, утре повторно ќе седнат на обвинителна клупа во Кривичниот суд, за кога е закажана главната расправа.
Пред речиси два месеци се оддржа подготвително рочиште, на кое се спореа доказите на СЈО. Судијката Лидија Петрова им наложи на обвинителите од СЈО Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов, да обезбедат акт за употреба на доказите од Управата за безбедност и контраразузнавање.
На ова жестоко се спротивставија обвинителите од СЈО, кои истакнаа дека не е прв пат во судската пракса да се користат дозкази кои се класифицирани, бидејќи се државна тајна или строго доверливо.
-Начинот на кој се прибавени овие докази од УБК е законит и нивната употреба во судска постапка е дозволена со Законот за кривична постапка. Ваква дозвола би требало да побара некој од обвинетите доколку сакаат во својата одбрана да презентираат ваков доказ, но не и обвинителството, беше децидна обвинителката Ристовска.
Нејзиниот став пак упорно го оспоруваше адвокатот Никола Додевски, инсистирајќи дека мора да обезбедат претходна дозвола од УБК, а во таа насока беа и укажувањата на судијката Петрова, која го задолжи обвинителството да ја обезбеди дозволата, а во спротивно најави дека ќе ги отфрли доказите. Својата одлука судијката ја правдаше дека кога ќе требало да ја напише пресудата, без разлика дали ќе биде осудителна или ослободителна, не ќе можела да ги наведе доказите ако останале клсифицирани, истакнувајќи дека „малку истражувала“ и видела дека тоа не е судкса пракса.
Напротив, обвинителката Ристовска возврати дека тоа е судска пракса, посочувајќи дека вакви докази се наведени во случајот „Пуч“ и во уште многу други.
Од СЈО се сомневаат дека барањето да обезбедат дозвола од УБК е само еден начин да се одложи судењето, бидејќи УБК нема рок да одговори на нивното барање, посочувајќи дека веќе со месеци чекаат одговор на слични барања.
Утре ќе биде познато дали СЈО добило дозвола од УБК за употреба на доказите.
Во случајот, познат како „Тврдина 2“, првообвинет е Горан Грујоски, поранешниот началник на петтата управа и шест вработени во УБК. СЈО Грујоски го сомничи за фалсификување службена исправа, односно за уништување на документацијата поврзната со двата системи од нелегалното прислушување. Овие системи, како што претходно информираше СЈО во случајот „Тврдина“, исто така биле уништени во текот на 2014 година.
В.В.