Ана од Неготино, дел од тимот на Ким Кардашијан

by fokus 14:17
14:17

Дваесет и четири годишната Ана Атанасиа Најдова од Неготино, која што веќе две години живее и работи во Абу Даби, пред неколку дена стана дел од тимот на стилисти на Ким Кардашијан, светски познатата ѕвезда од реалното шоу на нејзиното семејство, и доби мастер сертификат од нејзиниот личен стилист.

Младата неготинчанка која што е стилист, односно фризер и шминкер, во минатото работела неколку години во студиото на Александар Дадар во Скопје, а потоа се преселила во арапската земја. Вели дека таму работи како стилист на ВИП арапски жени, односно се грижи за убавиот изглед на најпопуларните арапки кои што се дел од тамошниот џет – сет.

„Иако имам само двесет и четири години, среќна сум што сама одам низ животот, далеку од семејството и родната земја, и истовремено со сопствениот труд ги направив горди моите блиски. Се едуцирам во најдобри академии во Абу Даби, а истовремено сум и стилист на голем број на познати жени од арапскиот ВИП свет. Пред неколку дена добив мастер сертификат од Марио Дедивановиќ, стилистот на Ким Кардашијан и ја имав можноста да се дружам со неа. Дедивановиќ ни одржа мастерклас за шминкање, а модел беше лично Ким. Со оглед на тоа што тој е по потекло албанец, зборевме на српски, разменивме контакти за понатамошна соработка, и двајцата со Ким ми оставија прекрасни впечатоци.Таа е наизглед ситна, не многу висока жена, но уште на прв поглед се воочува тоа дека е голема во душа. Смирена, трпелива кон сите, сака да се шегува, и прифаќа шеги на своја сметка. Забележав дека е дури и поубава без шминка. Ми кажа дека ова и е прво јавно појавување откако беше ограбена во Париз пред неколку месеци. Моментално моето место на престој се Емиратите, но остануваат отворени можностите за понатамошна соработка со ѕвездата“ – вели Ана. Таа додава дека Емиратите се земја која што нуди многу можности за одлична заработувачка, но се нудат и неверојатни услови за развој на кариерата.

„Дубаи е центар на модните случувања, при што постојаното надградување и напредување ме задржува во оваа земја, а љубовта кон мојата професија и насмеаните лица кои се среќни и задоволни со мојата работа ме мотивираат уште повеќе да продолжам понатаму и да ги остварам своите сништа. За жал, забрането ми е да објавувам фотографии со моите клиенти, со цел да се заштити идентитетот и убавината на локалните жени кои што во јавност се покриени, но имам богати архиви со мојата работа во која што максимално уживам“ – раскажа неготинчанката.

Стотици млади лица од Македонија во изминативе години се преселија во Емиратите. Голем број од нив работат како модели, во бутици, во ресторани, во агенции за продажба на недвижнини, како брокери… Повеќето со кои што сме разговарале тврдат дека таму се нудат идеални услови за работа, посебно за млади луѓе кои што сакаат да напредуваат во кариерата. Поради луксузот и беспрекорната услуга, Дубаи важи за една од омилените дестинации на туристи од целиот свет, и голем број на холивудски ѕвезди имаат закупено недвижнини, во кои што често престојуваат.

Вики Клинчарова

Поврзани новости