Текстот е објавен на 16-ти јули 2010-та во неделникот „Фокус“ во бројот 785
Пишувал
Никола МЛАДЕНОВ
Прво беше комунизмот и немавме ништо. После дојде демократијата и таа ни уништи сѐ што имавме. Во оваа варијација на стариот партизански афоризам за фашистите, кои ни го земале сето она што сме го немале во кралската Југославија, е содржано шизофреното политичко кредо на портокаловите вмровци. Тие, имено, во комунизмот го гледаат најголемото зло за македонскиот народ, но, тоа воопшто не им пречи денес да го враќаат сјајот на разните места, институции, манифестации… кои мислиш биле неописливо сјајни токму во времето на тој ист црн комунизам!?
Се разбира, за лудоста да биде комплетна, Груевци почнаа со враќање на спомените од сјајните времиња уште пред комунистите. Први за гланцање се најдоа театарот и офицерскиот дом во Скопје, кои биле симбол на српската културна асимилација и воена доминација на овој дел од распарчена Македонија. Така, ние ќе се најдеме на врвот од листата на непресметливи нации, кои со солзи во очите ќе го чествуваат „возобновувањето“ на знаците на времето, кое го учевме како најцрно за нашиот народ. Памет даваме за лидерство во нешто, било што, па макар и во лудоста!
Минатата недела беше зацементирана улогата и на Охридското лето, тој докажан знаменосец на нашето полувековно културно сјаење во просторот близок, во Европа, Светот, а, богами, и пошироко. Претседателот Иванов го орденоса за јубилејот, но, тој празник на нашата умисленост дека сме планетарно значајни, не беше проследен ниту со информација од два-три збора, макар на белградските вести.
На тој глобално важен настан не присуствуваше ниту Иво Јосиповиќ, кој, патем речено, сериозно се занимава и со компонирање. Хрватскиот претседател беше дента во Скопје, ама, избега од отворањето на Летото. Таа вечер, рускиот диригент имаше локална публика. Да не беше обвинението против него за педофилија, ама баш ништо немаше на вечерта да ѝ даде каков-таков светски шмек!
Пред десеттина дена разбравме дека од мртвите ќе го дигаат и Вардар-филм, за, на тој начин, да се врател сјајот и на македонскиот филм. Јас, пак, целосно неинформиран, мислев дека за нашиот филм почнало да се слуша со Милчо Манчевски. Не било така. Македонскиот филм сјајел, значи, и пред него, уште во комунизмот, ама ние допрва сме станале свесни за неговиот сјај. Добро, нека биде така, турете во Преродбата уште три кила полир-паста и за македонскиот филм. При сјајниот центар на Скопје, зошто тој да остане покусо?!
Нормално, и Битола нема долго да стои така рѓосана. Дојден е наш човек со искуство од Москва, кој добрите руски рецепти ќе ги примени во театрото. Не мислевте, белки, дека битолскиот театар ќе куртули од враќање на сјајните времиња, од времето на комунизмот, кога, нели така, немавме ништо. Сепак, да не аздисуваме, оти Битола можеше и на поголеми маки да биде изложена. Замислете некој да се сетеше, па рушење на сегашниот и градење на стариот театар да предложеше? Не речете два пати, оти, враќачите на стари сјаеви одат рака под рака со враќачите на душите на градовите!
Да видам, што остана следно за полирање… Хм, на враќање на стариот сјај на ФК Вардар веќе се работи на големо… Да, безмалку е вратен сјајот и на туристички Охрид од времето кога странците разочарани одеа на Сејшелските острови, дури откако ќе им беше одбиена резервацијата во сјајните охридски хотели, пребукирани за девет години однапред. Точно, сега му дојде редот и на Дојран. Приватниот концесионер не успеа кога речиси беше пред целта, ама, и Дојран има да светне, па макар градоначалникот лично, со еленска кожа го гланцал последното парче земја по блескавите плажи!
Шегата на страна, оти веќе е неподнослива провинцијалноста во која секој ден тонеме се подлабоко ем неповратно. Па знаат, ли, нашиве политички водачи и ТВ репортери некој друг епитет, освен сјајно или прекрасно? Дали се тие свесни, воопшто, каква претстава кај јавноста создаваат за кралска или комунистичка Југославија, кога нон-стоп бладаат за нужноста од враќање на некаков сјај од тие времиња?
Кај помладите граѓани, секако, кои гарант не знаат што да мислат после таквите изјави. Се нешто божем било сјајно ем прекрасно во кралска или комунистичка Југославија, а ваму пекаме по демократија во независна Македонија!? Кој знае каква слика си создаваат за Дојран, на пример? Сјаен та пресјаен, ли, да не смееш со голо око во него да погледнеш, оти од сјајот ќе те ослепи?! Ве молам, во Дојран немало отворање на земјата, па во неа да пропаднале сите сјајни хотели крај недобројните сјајни плажи.
Како што во неа не се ничкосале ни сите сјајни достигнувања на нашата кинематографија, сосе безбројните трофеи во сите можни спортови. Чиниш умреле сите што го помнат лапсусот на легендарниот Младен Делиќ, кој коментарот на еден кошаркарски натпревар го започна со реченицата: Во екипата на Југославија сите се студенти, освен Георгиевски кој е Македонец!
Се разбира, на крај памет не ми е да го омаловажувам постигнатото во времињата што се зад нас. Нормално, и тогаш имало успеси, кои ги надминувале нашиве локални, македонски рамки. Но, да простите, ама баш не можам да се сетам на нешто толку сјајно, кое во континуитет го вртело вниманието на пошироката јавност.
Нешто, кое било препознавано како продукт на македонска школа во било што. Со тоа не сакам ништо и никого да омаловажам. Едноставно, толкави ни биле силите. Толку ни било дадено или за толку сме можеле да се избориме во федерацијата. Значи, преку глава ми е од претерувањата, од патетичните сеќавања на минатите времиња, кои не беа баш до толку сјајни, за да претставуваат некаков врвен репер за новово време!
За жал, тоа се премногу деликатни теми за нашата политичка елита, која ги диктира стандардите во секоја сфера. Таа нема потенцијал да се занимава со финеси, без кои нема разбирачка за нијансите од кои е составена стварноста.
Груевци оперираат со прости поими, разбирливи за петггодишно дете. За нив светот е поделен на наши и ваши, на партизани и Германци, на каубојци и индијанци, на црно или бело. Тие само вешто го лажеа народот, дека не зборуваат многу, само затоа што сакаат многу да работат.
Не, браќа и другари, тие не зборуваат само затоа што не знаат што да кажат. Кога молчат, можат некого и да излажат дека многу знаат. Штом зинат, лупаат како Максим по дивизија. Ве молам, каква друга работа имаат водачите на земјата, освен да зборуваат, да објаснуваат, да убедуваат дека нешто, на пример, треба или не треба да се гради на плоштадите; по една или друга „рецептура“ да се развива театарот, филмот, спортот, туризмот?!
За обично насилие на медиокритетите станува збор, доколку јавноста треба нешто да прифати само затоа што „нештото“ е „согласно уставот и законите“. Зошто, конечно, да градиме демократија и пазарна економија, ако се што било сјајно е направено во некое друго време? Зошто, тогаш, не го вратиме и комунизмот, на пример, кој бездруго бил подобро уредување, штом успевал да создаде толку сјајни нешта кон кои стремиме до ден-денешен!?
Тешко нас со Влада, која јавно прашува, дали е коректно, лицето Абдулменаф Беџети, кое некогаш било министер во влада на Бранко Црвенковски, денес да биде претставувано како независен експерт? Што да одговори човек на таква колосална глупост?! Се разбира дека ич не е коректно. Да беше поинаку, тогаш и лицето Никола Груевски, кое некогаш беше министер во владата на бугарашот ем апаш Љубчо Георгиевски, денес неказнето ќе можеше да се претставува како чесен политичар и најголем Македонец, од Александар наваму!
Ви велам, само кога молчат можат уште некого да излажат дека не се тотално пролупани!