Осудениот екс премиер, Никола Груевски, живее комфорен живот во своето бегство во Унгарија. Според неофицијални информации тој е сместен во хотел од висока класа, а се очекува да добие и стан од владата на Виктор Орбан.
Дека Груевски живее како слободен граѓанин во Унгарија покажаа и фотографиите кои неодамна се појавија во медиумите. Тој беше фатен низ Будимпешта во друштво на членови на ВМРО-ДПМНЕ кои подоцна се утврди дека се вработени во Царинската управа.
Останува прашањето за неговото семејство во Македонија. Груевски во земјава ја остави сопругата и двете малолетни деца кои може да ги види само доколку Боркица се согласи да ги однесе во Унгарија. Настрана чаршиските муабети дека бракот им е во криза, доколку Боркица не прифати да отпатува за Унгарија, девојчињата на Груевски не би смееле да патуваат сами без согласност и потпис на двајцата родители.
Во Македонија се уште се бараат одговорните за неговото бегство. Речиси два месеци поминаа откако Груевски ја напушти земјава, а истрагата е се уште во тек. Премиерот, Зоран Заев, во синоќешното гостување на „Отворено“ на ТВ24 прстот го впери во лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. Тој рече дека постојат информации кои упатуваат на сомнежот дека Мицкоски е вмешан во бегството, затоа што претходно имал средба со Вучиќ и Орбан, без при тоа да објасни што се разговарало на тие средби.
Неофицијално, пак, обезбедувањето на Груевски било засилено последниот месец пред да избега. Имало информации дека се подготвува да ја напишти државата, но информациите упатувале во друг правец. Имено, првично Груевски планирал преку Дојран да замине во Грција, каде веќе биле подготвени услови за негов престој. Сепак, овие наводи допрва треба да ги потврди или негира истрагата.