Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски тврди дека единствената одбрана и аргумент кој засега ги имаат СДСМ е дека населувањето на мигранти е нереално, а граѓаните поучени од досегашните чекори на новата Влада, аргументирано не веруваат во она што Заев го кажува.
– Зоран Заев и СДСМ зборуваа за многу работи дека се нереални, па испаднаа реални. Зборуваа дека двојазичноста е нереална, еве ја пред врата ни е. Зборуваа дека таа двојазичност е само во мојата глава, а еве гледаме сега како на голема врата ја воведуваат двојазичноста и објаснуваат дека тоа е согласно Уставот иако не е согласно Уставот и свесно одат кон кршење на Уставот. Заев исто така зборуваше дека договорот со Бугарија е еден многу добар, одличен компромис – истакна Груевски.
Тој тврди дека има целосна оправданост што кај граѓаните се јавува револт, страв и се самоорганизираа да направат ситуација во која што ќе ги заштитат своите општини.
-Дури и постапката што ја прави СДСМ преку ДИК, каде го има мнозинството и одлучувачката моќ, и обидот на ДИК која добива наредба од СДСМ да го отстрани гласањето за мигрантите низ општините на денот кога се изборите, укажува дека СДСМ не само што се плаши, туку се плаши дека нивниот веќе договорен со некого концепт може да крахира и дека нема да можат после да го спроведат тоа и да ја испорачаат фактурата некому каде што ја ветиле – додава лидерот на ДПМНЕ.