Груевски: Заев се прави штедлив и не се вози во мерцедесот, а други се утепаа од возење

by Fokus

По завршувањеето на денешното рочиште за случајот Тенк за набавката на мерцедесот од 600 илјади евра, обвинетиот Никола Груевски во изјава за медиумите уште еднаш се пожали за односот на судот кон нив.

„Судот продолжи во истиот стил како и досега, односно на сила се однесува кон нас, а подајнички кон СЈО. Дури кога протестирав да ми се даде збор, бидејќи тоа претходно во неколку наврати му беше овозможно на СЈО, судијката ми се закани дека ќе ме казни. Имам чувство дека во случајот СДСМ те тужи, СДСМ те суди – рече Груевски, надградувајќи ја поговорката која пред тоа ја кажа во судница, односно дека кадија ги тужел, кадија ги судел.

Груевски продолжи со обвинувањата упатени кон судот, велејќи дека чувствува дека се борат со нееднакви оружја.

„Судот кон СЈО се однесува како мајка, а кон нас како маќеа. Со новиот распоред на судии се создаде Специјален суд, кој ни судат на сила. Одлуката како да ја имаат веќе во глава и брзаат да не осудат – рече Груевски.

Тој и денеска не заборави да го спомне премиерот Зоран Заев, за кого рече дека им бил омилен на судиите, па затоа му закажувале рочиште еднаш на два месеци, а тој морал да оди на судење секој ден.

Груевски ја искоментира и одлуката на владата мерцедесот за кој што се води овој спор да го стават на лицитација и да го продадат.

„Тоа е пародија бидејќи секоја држава има најмалку десет вакви возила, а Македонија само едно, кое штити од мини, од стрелање од снајпер и итн. Сега Заев решил да го продава и тоа по многу пониска цена покажувајќи се како многу штедлив. Тој исто така, не сака да се вози во ова возило, иако многу други се утепаа од возење. Нема странска делегација која по смена на власта дошла во Македонија, а да не се возела со мерцедесот – рече Груевски, кој додаде дека степенот на безбедност и начинот на заштита во времето кога бил премиер не го одредувал тој, туку за тоа си постоеле закони и токму и зарди тоа бил набавен мерцедесот.

А, на прашањето зошто досега не се изјаснил зошто барал да се набават масажери и телевизори во мерцедесот, кусо одговори: „Ќе коментирам кога ќе дојде време“.

В.В.

 

Поврзани новости