Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски ја оценува како срамна објавата дека Заев остварил средба со американскиот претседател Доналд Трамп. Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ваквата информација, која самиот Заев ја објави на социјалните мрежи, говори за карактерот на човекот кој, како што рече, манипулира со целата јавност.
-Во врска со средба со Коѕијас, во изјавите дека средбата е поврзана поради прашања за градење доверба не верува никој. Сигурно е дека разговарале за името, за идентитетот, цела Европа и цел светот знае дека оваа влада е составена за да го реши името онака какошто Грција сака. Заев е донесен на оваа позиција за решавање на името по терк на Грција. Се чека да завршат локалните избори и да почнат конкретни преговори – потенцираше Груевски во интервју во дневникот на „Сител“.
Тој најави дека по локалните избори неговата партија ќе бара предвремени парламентарни.
-Ско по утрото денот се познава, денот е многу лош и овој ден нема долго да трае. Ова ќе мора да се прекине, по победата на овие локални избори логично е ВМРО-ДПМНЕ да бара и да добие предвремени парламентарни избори. Ќе започне нова ера во Македонија која ќе стави крај на помрачувањето што и се случи на државата со доаѓањето на СДСМ – рече тој.
Груевски се сомнева дека изборите нема да бидат фер и демократски организирани.
-На наш кандидат му вперија оружје и го третираа како терорист, наводно имале дојава дека во возилото ќе се превезуваат терористи. Имале наредба и да го легнат на земја и да го врзат, но уведеле дека станува збор за грешка, односно дека ситуацијата не е таква. Очигледна е намерата да се заплашуваат нашите кандидати и ја ставаат полицијата во партиска служба. Нивните заплашувања нема да имаат ефект – додаде тој.