Премиерот Никола Груевски и владината делегација вчера се обратија на бизнис-форум во Лас Вегас, САД, каде ги претставија поволностите кои ги нуди Македонија за реализација на странски инвестиции, информираат од владиниот кабинет.
Груевски пред присутните претставници на компании ги образложил условите за водење на бизнис и можностите кои им стојат на располагање.
– Кога во најголем број на државите невработеноста растеше во Македонија невработеноста се намали на 28.2 проценти што е намалување за 10 проценти во изминатите неколку години, процент кој што е се уште висок, но трендот на намалување е многу добар – изјавил Груевски.
Премиерот на крајот од својата посета на САД заклучил дека владината делегација имала прилично успешна посета, тргнувајќи од Њујорк, Чикаго, Лос Анџелес и во Лас Вегас.
– Има голем интерес и доста прашања на презентациите, многу лични контакти по самата презентација, неколку од нив објавија доаѓање во Македонија да се информираат подетално, a дури неколку од нив објавија дека ќе инвестираат во Македонија. Ќе ги продолжиме контактите со повеќето од нив. Особено со оние кои размислуваат да инвестираат во Македонија. Убеден сум дека и од другите компании кои што беа присутни, а кои што сакаат да направат уште подетална анализа и контакти со нас дека во догледно време ќе произлезе уште некој инвеститор и практично отворање на нови работни места – изјавил премиерот Груевски.
Со бизнис форумот во Лас Вегас, владината делегација предводена од премиерот Груевски завршува со својата економска посета на САД.
(фотографијата е архивска)