Груевски во бомбите за рушењето на Космос: Имало една топка, ја дига кран и со неколку удари паѓа пола зграда

by fokus

Имало на Запад една топка, ја дига кран и се залулува. Кога ќе се заниша со неколку удари, паѓа пола зграда , вели екс премиерот, Никола Груевски, во една од бомбите која денеска беше пуштена во судница на новото рочиште за предметот „ТНТ“ во врска со рушењето на комплексот „Космос“.

Во пуштените бомби разговараат Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески. Според разговорите планот за уривање на објектот, Груевски и Јанакиески го договараат во август 2011 година, откако Фијат Цановски, поради затворањето на телевизијата А1, во сопственост на неговиот сват, Велија Рамковски, ја напушта владејачката коалиција во Собранието. Со овој чекор на Цановски, ВМРО-ДПМНЕ го губи двотретинското мнозинство во парламентот.

Во еден од разговорите Груевски прашува дали Цановски може да покрене тужба, на што Јанакиески му одговара „Ќе го јадат Коце и Тони“ мислејќи на тогашните градоначалници на Град Скопје и Гази Баба.

Во разговор од втори август 2011 година Груевски го прашува Јанакиески: „Војската нема ли динамит или МВР да ја завршат работата?“ На тоа Јанакиески одговара „Не, не е проблем, сите купуваат динамит од МВР“ а Груевски се обидува да го забрза процесот „Нека направат проект за 2 дена, нека не се заебаваат“.

Во судот денеска се пуштаат 25 бомби од овој процес, од кои 16 не се јавно објавени.

Поврзани новости