Поранешниот премиер и актуелниот почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, преку фејсбук побара владата да престане да ги кочи градбите на инфраструктура за после некое време да ги прикажува како сопствени проекти, туку, како што рече, да започнат да градат нешто ново.
„Следна епизода после оваа со Штип-Радовиш ќе биде експресниот пат Штип-Кочани, кој почна со градба пред доаѓањето на власт на СДСМ, чија градба веднаш ја запреа кога дојдоа на власт, со слични изговори како за автопатот Демир Капија-Смоквица, и цела година се одлага натамошната градба. Потоа ќе следи градбата на новиот експресниот пат кон бугарската граница, Ранковце- Крива Паланка, со дополнителни проширувања на патот Крива Паланка-бугарска граница, кој беше речиси во иста завршна фаза на подготовка за градба како експресниот пат Штип – Радовиш. И на крај експресниот пат Охрид- Пештани, чија градба ја запреа преку еколошки друштва со образложение дека некои чавки летале од Африка кон северна Европа, и баш тука каде требаше да почне градбата на патот правеле кус одмор“, напиша Груевски.
Тој додаде дека владата единствено не го запрела експресниот пат Прилеп – Градско, бидејќи, според него, министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски пресметал дека не му одговара да се пролонгира градбата кога секој втор ден се возел по сегашниот стар пат.
„За сите овие 5 експресни патишта имаше 3-4 години макотрпни и неизбежни подготвителни работи, геодетски истражувања на земјиштето каде ќе се гради, дизајнирање, правење проекти, експропријации, преговори и обезбедување кредити од Светска банка, ЕБРД или ЕИБ, спроведување постапки за јавна набавка итн. Нека престанат да ги кочат градбите и развојот на Македонија за да покажат дека се почнува од нив. Нека сработат и нешто ново, што тие ќе го започнат. Македонија мора да оди напред, а не власта со интриги да гради перцепција за себе дека се од неа почнало, а всушност се со неа се закочи“, смета поранешниот премиер.