Груевски утре се враќа на обвинителна клупа, продолжува судењето за „Титаник“

by fokus

Екс премиерот Никола Груевски и останатите обвинети во случајот „Титаник“, утре ќе седнат на обвинителна клупа, бидејќи по судската ферија, продолжуваат судските рочишта.

Минатото рочиште за „Титаник“ требаше да се одржи на 3 јули, но беше одложено поради неприсуство на обвинетата Гордана Јанкулоска која, како што извести нејзината адвокатка Сања Алексиќ се наоѓа во болница по породувањето.

Судијата Осман Шабани појасни дека обвинетата Јанкулоска има право 45 дена да не биде повикувана на судски рочоишта, поради што го одложи судењето за „Титаник“ за утре, 16 август.

Во „Титаник“ покрај Груевски обвинети се и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.

Поврзани новости