Груевски спреми контра платформа

by fokus

Еврокомесарот Јоханес Хан заедно со европратеничката тројка, утре доаѓаат во Скопје на средби со политичките партии во земјава. Лидерите на партиите засега се воздржани и не шпекулираат какви барања и пораки носи Хан од Брисел. Единствено, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски веднаш по најавата за доаѓањето на дипломатите од ЕУ, гласно ги постави своите ултиматуми.

Груевски најпрво ќе бара од ЕУ да ја осудат албанската платформа. Освен тоа, тој се жали што ДУИ го прекршиле принципот за коалиција „победник со победник”. ДПМНЕ ќе бара од Хан да се сретне и со здружението „За заедничка Македонија”, кое со недели протестира против платформата.

Во меѓувреме, лидерот на партијата пак, работи на контра-платформа.

Груевски вчера во интервју за „Канал 5“ рече дека следните денови ќе излезе со политички документ кој ќе и да им биде понуден на сите поголеми политички партии.

– Ние подготвуваме документ за зачувување на Македонија, тоа е политички документ кој ќе понуди начин за излегување од кризата. Преку негово прифаќање ќе се излезе од кризата, но нема да се наруши унитарноста на државата. Овој документ во текот на следната недела ќе биде понуден на сите политички партии и очекуваме од нив да го прифатат како излез од политичката криза – изјави Груевски.

Најавениот документ од страна на ДПМНЕ за решавање на политичката криза, не е добредојден од страна на неколку политички партии. ОД СДСМ тврдат дека ова е обид на Груевски да се факторизира повторно на политичката сцена, а неговите документи веќе десет години го уништиле животот на луѓето во Македонија.

На ист став се од движењето „Беса”. Оние што ја предизвикаа кризата, не може да се очекува да бидат нејзини решавачи- велат од партијата.

ДУИ и Алијансата на Алабнците пак, не коментираат.

 

Поврзани новости