Поранешниот премиер кој се сомничи дека ги злоупотребил службената положба и овластувања во случајот ТНТ, кој се однесува на уривањето на објектот „Космос“, денеска ќе биде повикан на распит во Кривичниот суд во Скопје. Исказ за истиот случај освен Груевски треба да дадат и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и градоначалникот на општина Гази Баба Тони Трајковски.
Од Основен суд Скопје 1 – Скопје велат дека сите предлози се распоредени кај судии на претходна постапка кои во текот на денешниот ден ќе постапуваат по наведените предлози, а лицата ќе бидат повикани веднаш да се јават во судот.
Со оглед дека лицата за кои од СЈО е предложена мерка притвор не се обезбедени на друг начин, судот ќе ги примени одредбите од ЗКП, а согласно досегашната пракса на постапување по предмети во изминатиот период.
Се уште не е утврдено дали повиканите ќе се јават веднаш кај судија на претходна постапка или тоа ќе го сторат во наредните денови. Понатаму се зависи од обвинителот кому му е доделен случајот, дали ќе побара стражарно приведување и асистенција од полицијата осомничениот да биде донесен во судот.
“СЈО поднесе барање за определување мерка притвор за директорот на Петта управа Горан Грујевски осомничен во случајот Тврдина, како и за градоначалникот на Битола Владимир Талевски, кој се сомничи за финансиски злоупотреби во предметот Транспортер”, велат од Основниот суд.
За останатите СЈО побара да им биде одземен пасошот, да им се ограничи движењето или да имаат обврска да се јавуваат во Судот. Таква мерка е побарана за Никола Груевски, Миле Јанакиески, Тони Трајковски, потоа за четворица осомничени во случајот Тврдина и шест лица кои се осомничени во случајот Тортура, за апсењето на Љубе Бошкоски. Меѓу нив е и Ивица Анчевски-Пуки, командантот на единицата АЛФИ во МВР.