-Едно од симболичните гестови на оддолжувањето од оваа генерација, се градењето на спомениците на великаните на македонската историја, музеите, имињата на улиците, булеварите, плоштадите,населбите и мостовите, со нивните имиња, книгите и монографиите за нив, документарните филмови за нивните дела и страдања, ликовните дела и други симболични чекори со кои се заблагодаруваме на нашите предци кои се жртвуваа за својот народ. Но тоа се симболичните гестови, рече премиерот Никола Груевски во своето обраќање во Скопје по повод денешниот празник.
Премиерот истакна дека најважните чекори во правец на продолжување на делата на оние кои се бореле за независна Македонија е зацврстувањето и напредокот на државата, обезбедувањето на мирот и безбедноста на земјата и народот, подобрувањето на животот на народот во секој поглед, развојот на демократијата и човековите права, развојот на образованието, на економијата, на владеењето на правото, обезбедувањето на стабилност на државата и нејзин континуиран напредок во секој поглед.