После собирот во Скопје ВМРО ДПМНЕ продолжува со активностите на терен. Денеска лидерот на партијата Никола Груевски беше во Битола во спортската сала „Младост“. Пред насобраните Груевски одново зборуваше за успесите и достигнувањата на власта во обид да ги игнорира содржината и автентичноста на снимките на кои се слуша како тој и неговите соработници управуваат со државата.
„Во прашање е нашиот опстанок, нашите права на постоење, слобода и избор. Зоран Заев и неговите следбеници залудно ќе чекаат трговија. Нема трговија. Ние може да разговараме и да водиме дијалог, но никогаш нема да учествуваме во сценарија кои имаат за цел да го премостат народот. Ние сме свесни за нашите грешки, и ние знаеме како да ги исправаме, одговорно, слушајќи го народот и неговата волја. Но, нема да има простор за заташкување на скандалот кој самите го конструираа. Одговорноста со сите затезни камати за дестабилизирањето на земјата, за омаловажувањето на гласачката волја, за валкањето на угледот и на граѓаните и на државата, за лагите и оговарањата што ги пласираат во светот, ќе ја носат во секоја форма сите кои учествуваа во потфатот на рушење и дестабилизација на државата:“ – рече Груевски во Битола.