Владејачката ВМРО-ДПМНЕ им доставила нов предлог пакет за формирање коалиција со ВМРО-Народна партија, дознава Мета, од извори на партијата на Љубчо Георгиевски.
„Неверојатниот предлог”, како што го нарекле од партијата, им бил испратен пред самиот почеток на вечерашната седница на Извршниот комитет на партијата.
Во него, понудени биле министерски, директорски и раководителски позиции за ВМРО-НП, доколку им се приклучи и доколку сегашната владејачка партија повторно ја освои власта.
Извршниот комитет на партијата пак, според најавите на лидерот Георгиевски, вечерва треба да ја официјализира коалицијата со партијата на Љубе Бошкоски, Обединети за Македонија. Ова беше најавено по денешната средба меѓу лидерите, на која се договориле на изборите во декември да настапат со заеднички пратенички листи во десничарскиот блок.
Инаку, за изјавата на партискиот функционер Ламбе Арнаудов, кој во интервју за 24 вести вчера рече дека ВМРО НП е поблиска до партијата на Груевски, Георгиевски рече дека неговите пораки се фракции на одреден дел членови, а не се став на мнозинството.