Лидерот на опозицијата, Никола Груевски, денешното откривање на три нови истраги кои СЈО ги поведе под кодните имиња „Талир“, „Траекторија“ и „Тревник“ ги карактеризира како партиски активности на тимот на Јанева чија главна цел била да се уништи ВМРО-ДПМНЕ и посочи дека финансирањето било со цел да се создаде соодветна инфраструктура и услови за работа кои претходно не постоеле.
-Денешната прес-конференција на СЈО само уште еднаш докажа дека целта на СЈО не е ниту правна разрешница ниту откривање на вистината, туку уништување на ВМРО-ДПМНЕ како партија како политички опонент на нивната партија, партијата на СЈО-СДСМ. Обид да се разбие ВМРО-ДПМНЕ за да може СДСМ слободно во иднина да ги спроведува политиките за коишто се обврза пред своите партнери во владината коалиција и пред оние коишто ја поддржуваат, рече Груевски.
Според Груевски главната цел на СЈО е да му помогне на Заев да го тргне вниманието на јавноста од многу поважни теми како обврските кои тој ги презел со прифаќањето на Тиранската платформа и ги отфрли сите предмети каде тој е првоосомничен како обид за политичка пресметка.