Некаде во август минатата година ја напишав можеби најчитаната колумна со наслов „Груевски прв вресна – врати се Бранко“. И не дека и во периодот од тогаш па до денес Груевски не врескаше секојдневно: врати се Бранко.
Но, почетокот на изборната кампања покажа дека таквата хистерија на Груевски ќе ја доживее својата кулминација. Таа хистерија потекнува од таму што тој сфати дека по 23 години, ова се првите избори во Македонија во кои тој ќе биде единствениот транзициски политичар, кој сѐ уште ќе се качува по бините на митинзите.
Стартот во Охрид и во Струга покажа дека Груевски има една и единствена цел, а тоа е фрлање магла од која нема да се види дека тој е единствениот транзициски политичар кој опстојува на политичката сцена во Македонија. И не само во Македонија. Груевски е последниот активен транзициски политичар во цела Источна Европа, а во регионот друштво му прави само уште Ѓукановиќ.
ОЛИГАРСИТЕ ГИ ЧУВААТ ЛИВЧИЊАТА „КАСА-ПРИМИ“
Стоја Андов и Петар Гошев не се активни веќе одамна. Црвенковски по конгресот во јуни е целосно надвор од политиката и, воопшто, од јавниот живот. Тито Петковски тоа го обзнани на овие избори со фактот што не е на листите за пратеници. Љубчо Георгиевски веќе долго време политиката ја третира како хоби, многу често во корист на Груевски, но тоа не ни важно.
И за да не ги редиме другите, на површината излегува сликата дека само Груевски е човекот кој во овие 23 години, 16 години е активен учесник во транзициската голгота низ која поминува Македонија. Во тие 16 години, Груевски е 12 години на власт и 4 години лидер на опозицијата.
Ако ги анализираме транзициските политичари од погоре што веќе не се активни, Груевски е убедливо најдолго на клучни политички функции од кој било друг. Низ неговите раце, пред неговите очи или поточно под неговото пенкало поминале: довршувањето на приватизацијата од 1998 до 2002; поминале Окта, Телеком, НПК; поминувал, а злобниците велат и сѐ уште поминува Далаверски, чиј шеф беше лично тој; поминала и 2001 сосе украинските хеликоптери, муниција, „станиновки“ и многу други.
Потоа следи опозиционерскиот период на Груевски кога неговиот гуру Георгиевски го устоличува на лидерската функција на ВМРО – ДПМНЕ. Тоа место го добива преку титулата најдобар министер во владата на Љубчо Георгиевски, која лично му ја доделува самиот тој. Таа титула можела да се добие само доколку сето она погоре и уште многу повеќе поминало низ рацете на најдобриот министер.
Секако, овој опозициски период е дури и многу поинтересен. Просторот не дозволува, но тука кратко да се потсетиме на кампањата во 2006. Ако единствени богати луѓе дотогаш беа клетите олигарси на Црвенковски и на Бучковски, кои биле подготвени на дебело партиско спонзорство, како тоа ВМРО – ДПМНЕ имаше повеќекратно поскапа кампања од таа на СДСМ!?
Кој ја финансирал партијата и безобразно скапата кампања ако не самите клети олигарси!? Затоа ли Груевски беше против промена на Уставот и т.н. ревизија на приватизацијата. Втората алтернатива е дека се тоа пари од странство. Но, како и да е, ВМРО – ДПМНЕ, а, пред сѐ, олигарсите ги краси педантност. Сите внимателно си ги чуваат ливчињата – „каса-прими“ за некое си време–невреме.
ИМА ЛИ РАЗЛИКА МЕЃУ „АКТОР“ И „КАМПАЊА“?
Конечно, за периодот од 2006 година, па наваму, може да се напише книга од неколку тома, но бидејќи тоа ни е секојдневие, тука нема да трошиме простор. Би спомнал само една од последните афери. Имено, постои ли разлика меѓу „Актор“ и случајот Љубе Бошкоски?
Според Груевски и некои гавази на власта, „Актор“ своите заработени пари можел да ги троши како сака, па и да ги вади во кеш и да ги дава на кого сака! По таа логика, тогаш и оној фин и чесен господин со скриено лице и име, своите пари можел да ги троши како сака. Тој одбрал исто во кеш да му ги донира на Бошкоски. За тоа Бошкоски гние во затвор, а за „Актор“, доколку во април не дојде пролетта, истрагата ќе трае и трае и трае?
Од оваа мала ретроспектива, која најдобро си ја знае и самиот Груевски, титулата последен активен транзициски политичар во Македонија и пошироко без никаква конкуренција си ја носи самиот тој. Затоа денес нему му е неопходен Црвенковски. И сосема е во ред. Таков стил на политичка кампања гледаме за цело време по конгресот во јуни.
Она што е сега допирање на дното, е тактиката со која во очај Груевски сака да продолжи да игра по нервите на Црвенковски. Имено, преку куклата на далечинско управување под име Тачи, Груевски наметна политичка комуникација од типот на најдолна малограѓанштина.
По објавувањето на смс-пораките, Тачи неможеше да „смањи доживљај“ и излезе со говор во кој, доколку му веруваме на преводот, кажал дека имал редовни сеанси со грчката амбасадорка и дека во 2008 година во Букурешт тој го натерал Груевски да прифати промена на името. За нешто вакво Тито Петковски доби пресуда од десетина илјади евра, а во случајот на Тачи Груевски одлучи да не го тужи, туку привремено да го стави во графата – неконтролиран проектил.
Но, да го тргнеме Тачи како неуспешен обид. Обидот да се наметне ваква комуникација не престана. Ирелевантниот политички фактор Павле Трајанов излезе со признание дека Албанците ги полнеле кутиите за сите претседателски избори, па дури и кога тој бил на чело на МВР. Демек единствен чесен избор бил оној на Иванов во 2009!
И тоа помина неуспешно бидејќи не ги испровоцира ниту Фрчкоски, ниту, пак, Црвенковски во малограѓански стил да објаснат како тоа цензусот за Иванов кој висеше до доцна во ноќта наеднаш се исполни и што сѐ претходело во таа долга ноќ!
ГОЛЕМАТА НУЖДА НА МИЛОШОСКИ
Потоа следуваше Милошоски, кој мртов ладен раскажува дека со некој од ДУИ ја договориле коалицијата од 2008 година, така што тој од ДУИ му кажал дека со Црвенковски се фитка – фитка. ДУИ му полнеле кутии на Црвенковски, тој им дал територијална поделба и така неговото Кичево станало албанско.
Човекот мисли дека затоа што бил по голема нужда додека сите негови сопартијци гласаа за хашките случаи, се избришал од одговорноста така едноставно и квалитетно како и тогаш по чинот во нужникот со собраниската тоалетна хартија. Но, и тоа беше неуспешен обид некој сега од ДУИ да излезе и да каже што давала ДУИ, дава и има за давање затоа што Груевски им ги поминал хашките случаи!
И кога сето ова не поминува, во целата игра со директен самоубиствен стил влегува Груевски. Колкав ли е очајот и стравот кај него, за лично тој да излезе и да каже дека Бранко му го нудел Стево за амбасадор затоа што вториов многу го задолжил. Прво, сите што го познаваат Црвенковски знаат дека е тоа човек кој никому, а најмалку пак на Груевски би му признал дека некој, некогаш и за нешто во животот го задолжил.
Но, еве, и да речеме дека е вистина. И децата знаат дека такви работи не се пишуваат во официјалната комуникација меѓу претседател и премиер. Единствено, таков неформален муабет во најмала рака се води на маргините на некоја официјална средба.
Дали Груевски го прави последниот обид со кој сака да го испровоцира Црвенковски во ист малограѓански стил да ја раскаже својата страна на вистината, ќе видиме набргу. Но, ако се случи тоа, нема да застане таму. А потоа на политичката сцена во Македонија дефинитивно ќе настапи состојбата „ко преживи, причаче“!