Дали Штерјо Наков мораше да ја продаде „Алфа“ за да не заврши како Велија?

by Фокус

Текстот е објавен на втори ноември 2012-та во неделникот „Фокус“ во бројот 905

Пишувал
Саше ДИМОВСКИ

Новинарската работа навистина е неблагодарна. Не за друго, туку преку неа можат да се откријат многу работи кои толку умешно се криеле, се подготвувале во тајност и наеднаш, сѐ што се мислело дека е тајна, се распрснува како меур од сапуница, каде што секој дел од меурот е информација што се шири до милиони луѓе, а кројачите на планот, фатени „живи” од сѐ што им стои на располагање, првично се фрлаат на завет за молчење или ве убедуваат дека тоа што го гледате, не е така.

Такво чувство имав изминативе десет дена истражувајќи навидум обична информација, како што сега е модерно да се каже – еден градски трач, дека била продадена „Алфа” телевизија, дел од империјата на компанијата „Фершпед”, медиум кој за кратко време стана респектиран, со јасно изградени контури на телевизискиот израз преку кој можеше да се слушнат и други информации, послужени надвор од менито скроено на Илинденска бб или во Центарот за комуникации на владејачката партија.

И тоа, не оти сакал Штерјо Наков, туку затоа што власта го уценувала дека ќе изгуби сѐ со поништувањето на приватизацијата на „Фершпед”, дека наводно му се заканувале дека ќе го апсат, а со шетањето со лисици до суд, како што е модерно сега, пред ТВ-камери, ќе се правеле спотови пред претстојните избори, каде што портокаловата револуција би се фалела дека почнала да расчистува со транзициските тајкуни и со матната приватизација правена во времето на СДСМ.

Плус, телевизијата е критички настроена, а со нејзино преземање, ем би се елиминирал медиумот, ем на опозицијата би ѝ се затворила уште една врата за медиумско претставување. И приказнава ќе немаше крај, ако се слуша чаршијата што знае, ама тоа ти е кафеаната – сѐ ќе чуеш, само прашањето е, оди докажи го, провери го и испитај го, преку нашиве институции!

ДАЛИ САМО „АЛФА” Е КОМПЕНЗАЦИЈА ЗА ШТЕТАТА ОД ПРИВАТИЗАЦИЈАТА?

Знаејќи дека пред две години морав да трчам по „жешка” песок, во последен момент да менувам текст во „Фокус” кога весникот беше речиси во печатница, оти место најавеното шампањско меѓу Штерјо Наков и Жељко Митровиќ – Пинк, дојде шокантна информација – нема договор, „Алфа” не се продава, дека се раскинал договорот, па се запира сѐ што е ребрендирано во розово и српската екипа добива налог веднаш да се спакува и да ја напушти телевизијата, си реков, и овојпат може станува збор за нова шпекулација, спакувана со политички елементи во очекување на изборната трка.

А, така и изгледаше, оти сите претходни распрашувања меѓу луѓето во „Алфа”, до блиските на раководството во „Фершпед” и политичките структури, беше дека не е продадена телевизијата, туку наводно само концесијата што ја имала телевизијата за Скопје, терестријалната, каде што ја гледале со обична антена, а оваа „Алфа” која ја гледаме преку кабелските оператори, не е продадена.

За да бидат поуверливи, внатрешни извори ми докажуваа дека дневниците за патување ги подигнувале од „Фершпед”, директорите се исти, платата доаѓа од истото место..!

И, можеби поминаа три недели додека оваа информација не доби друг тек, кога решив да не верувам на усните кажувања и негирања, туку решив да проверам малку, да видам како стои работата на зелен терен.

Кога, види чудо, „Алфа” не само што била продадена, и тоа пред 4 месеци, туку и газдата на фирмата која се основала во Скопје само за да ја купи телевизијата не е никој друг, туку компанија регистрирана на холандските Антили како офшор-компанија.

А, со малку пребарување на сопственоста се доаѓа и до ликот на Веселин Јевросимовиќ, сопственикот на „Комтрејд” од Белград, од неодамна половина газда на „Графички центар”, кој ги издава трите дневни весници „Дневник” „Вест” и „Утрински”, поранешни изданија на ВАЦ, а сега на Орце Камчев!

Па, драги мои, не дека светот ќе се смени со ваква вест, но ова беше вистинско откритие и одлична мамка за истражување. Оти, не ни се случува секој ден, некој од Белизе или од Холандски Антили да се загрижи за македонските медиуми, да ги купи, а со тоа можеби да не крене погоре на скалата на слободни медиуми.

Кога ќе ви се наредат коцките, свесен сте дека сте на добра трага, на интересна приказна, па тргнувате редум, да видите кој стои зад фирмите, со колку капитал се основани, со какви бизниси се занимавале и секако, да ја видите политичката блискост зашто никој не влегува во бизнис во туѓа земја, ако не се „осеќа како дома, како меѓу свои”.

Така и јас, откако го добив документите дека Штерјо Наков го продал мнозинскиот удел од 56,90 проценти во „Алфа скоп”, фирмата сопственик на „Алфа” телевизија, решив да видам кој е мистериозниот купувач, за кого никој не знае веќе четири месеци, иако и Законот за радиодифузија и европскиот дух на демократски вредности кон кој се стремиме, ни наложува транспарентност и отчетност посебно кај медиумите, бидејќи јавноста мора да знае кој го поседува медиумот, а преку него кој и какво влијание врши во јавноста.

Не е спорно дека на запад и политички партии и верски заедници и синдикати имаат медиуми, како и моќни тајкуни, ама мора да се знае дали се леви или десни, радикали или националисти, либерални или конзервативни. Само тогаш и така, јавноста ќе цени на кого и колку ќе му верува!

ТРАНСПАРЕНТНА КУПОПРОДАЖБА ЗА САМО ЕДЕН ДЕН!

И така, почнувам јас со барање информации кај управителката на заедничката досегашна фирма на „Фершпед”, „Макошпед”, „Европа” и „Технометал”, кои ја имаат основано „Алфа” телевизија. Мелпомени Корнети, на моето прашање за продажбата на телевизијата, прво се обиде да каже дека нема продажба, за каква продажба прашувам, но кога и посочив дали управителката знае дека во фирмата сега не е мнозински газда Штерјо Наков, туку белградската новинарка Симонида Кажиќ, која е запишана како управител, разговорот, кој не траеше повеќе од една минута, доби комплетно нов тек: Корнети рече дека во овој момент став на компанијата е да не даваат информации за продажбата!

Ова беше одличен одговор, како порачан, оти, колку некоја работа е позавиткана, толку е поголем мотивот за истражување (тоа новинарско истражување во светот е врв во новинарството, а во Македонија е загрозен вид, во изумирање, оти ниту некој истражува, ниту има каде да се објави евентуално истраженото).

И, еве до кои податоци дојдов: српската компанија „ЦХС Инвест гроуп” на Веселин Јевросимовиќ платила само 150 илјади евра за купување на мнозинскиот дел во македонската „Алфа” телевизија, вреден 2,5 милиони евра. Продажба, која четири месеци успешно се криеше од јавноста во Македонија и од вработените во телевизијата „Алфа”, се случила по одлуката на судот да ја поништи како незаконска приватизацијата на „Фершпед”.

Ова го открива договорот склучен помеѓу директорот на компанијата „Фершпед” и новинарката Симонида Кажиќ, претставник на компанијата „ЦХС Инвест гроуп” во Македонија, склучен на 25.06.2012 година, до кој дојде „Фокус” во своето истражување.

Договорот, во кој се утврдуваат правата и обврските е потпишан на крајот на јуни оваа година, откако на истиот датум Штерјо Наков им соопштува на своите партнери во заедничката фирма, на Савка Димитрова од „Европа”, Коста Младеновски од „Макошпед” и на Кочо Моцан од „Технометал”, дека има намера паричниот влог во фирмата вреден 50 милиони денари и непаричниот од 100 милиони, или вкупно 2,5 милиони евра, да ги продаде за 150 илјади евра, па, како што наложува законот, ги прашува дали сакаат да го купат.

Тројцата спомнати партнери, вклучително и Штерјо Наков сам како и Мелпомени Корнети како управителка, ја испочитувале обврската од законот и одговориле дека не сакаат или не се заинтересирани да го купат уделот, по што му го отвориле патот на Наков да бара „странски” инвеститор.

Штерјо Наков, на истиот датум, испратил понуда до „ЦХС Инвест гроуп”, фирма регистрирана 10 дена претходно на истата адреса како и „Алфа” телевизија, на Качанички пат во Визбегово и секако, на истиот датум добил повратен одговор од тазе управителката, белградската новинарка Симонида Кажиќ, дека ја прифаќа понудата за купување на уделот на „Фершпед”, кој рековме од 2,5 милиони евра, се нуди на продажба за само 150 илјади евра.

Симонида Кажиќ ја овластила адвокатската канцеларија „Чукиќ и Марков” (Серјожа, син на антикорупционерката Љубинка Муратовска Маркова и шура на полицискиот портпарол Иво Котески) во нејзино име да дадат понуда и да се пристапи кон склучување на договор. На истиот датум, 25 јуни, потпишан е договорот помеѓу „Фершпед” и „ЦХС”, и на тој договор стојат печатите и потписите на првите луѓе на „Фершпед”, „Европа”, „Макошпед”, на ЦХС, на адвокатското друштво и странично печатот на „Алфа склоп”.

Може ли да замислите колку часа би требало да има тој ден (кој не е најдолг, иако е блиску до летната рамноденица), за да можат да се завршат сите овие работи во еден ден?!

Договорот потоа е заверен кај нотар, а македонското претставништво на српската фирма е запишано како мнозински газда во „фирмата која е газда на „Алфа” телевизија. Што би се рекло, не добила „Алфа” нов газда, туку газдата на „Алфа” добил нов газда, кој треба да дава пари за телевизијата, но законските небулози ќе ги спомнеме во делот на улогата на Советот за радиодифузија во случајов.

ПОЛОВИНА ГАЗДА НА „АЛФА”, ПОЛОВИНА НА ДНЕВНИ ВЕСНИЦИ

Со купување на уделот од 56,90 отсто, компанијата „ЦХС” стана најголем акционер во телевизијата, и според договорот, може да ги донесува сите одлуки самостојно, бидејќи го поседува управувачкиот пакет. Во договорот пишува дека фирмата на Јевросимовиќ, претставувана од Симонида Кажиќ треба да плати 150 илјади евра, и тоа во рок од 60 дена од потпишување на договорот, односно до 25 август 2012 година.

Сопственоста на „ЦХС Ин­вест гро­уп” во „Алфа” е запишана во Централ­ни­от ре­ги­стар на Република Македонија, каде што стои дека компанијата е сопственик на 2,5 милиони вреден имот во Скопје, колку што е проценет како реален имот.

Само за данок, купувачите на државата треба да ѝ платат 450 илјади евра, што е трипати повеќе од парите дадени за продажбата на телевизијата. Во стру­кту­ра­та на „Ал­фа склоп”, сто­про­цент­ни­от газ­да на те­ле­ви­зи­ја „Ал­фа”, покрај „ЦХС Ин­вест груп”, сега остануваат и „Ма­кош­пед”, „Тех­но­ме­тал” и „Евро­па”, кои имаат 43,1 процент од капиталот, или по вредност – 44, 41 и 28 милиони денари.

Управител на компанијата и натаму е Мел­по­ме­ни Кор­не­ти, поранешна амбасадорка на Македонија во Турција. Во договорите се вели дека за вработените важат законите во Република Македонија, а може да се очекува новиот газда да постави свој управител по преземање на фирмата.

Претставничката на „ЦХС Ин­вест груп”, но­ви­нар­ката Си­мо­ни­да Ка­жиќ, е иста­та лич­ност која тре­ба­ше да би­де ди­ре­ктор­ка пред две го­ди­ни на „Ал­фа” телевизија, кога Штерјо Наков му ја продаваше на „Пинк” на Жељ­ко Ми­тро­виќ, но договор не беше постигнат во последен момент, бидејќи спорен бил начинот на плаќање на повеќе рати. Симонида Кажиќ не одговори на пораките на „Фокус” за разговор на темата за купување на телевизијата и за идните планови околу медиумот.

Нашето истражување не однесе до Холандски Антили, каде што е регистрирана компанијата чие претставништво сега се јавува како купувач во Скопје, директно поврзана со српски „Комтрејд”, фирма на Веселин Јевросимовиќ, инаку партнер на Орце Камчев во трите македонски дневни весници.

Сите фирми во Белград се регистрирани на иста адреса – Савски Насип, а исти се и луѓето во управувачките структури. Фирмата во Белград, која ја основа македонската подружница, пишува дека има двајца вработени, регистрирана е за компјутерско програмирање, а скопската е за интелектуални услуги.

Вработените во „Алфа” телевизија за продажбата дознаа од насловната страница на дневниот весник „Фокус”, која се испраќа секое попладне како дел од концептот на телевизијата на крајот на вестите да ги претстави насловите на утрешните изданија на весниците.

Но, моето јавување кај Мелпомени Корнети со барање информација, и во „Фершпед” (од каде што секретарката, во отсуство на директорот ме убедуваше дека не е продадена телевизијата, и се чудеше од каде ми е таквата информација) било доволен сигнал да се чека на готовс насловната страница на „Фокус” каде што насловот беше – „Кој е новиот сопственик на Алфа телевизија”.

Тогаш паднала и наредбата од директорот на „Алфа”, Младен Дамев да не се емитува рекламата за неделниот „Фокус”, кој излегуваше вечерта (минатиот четврток). На реакцијата на вработените, дека на тој начин признаваат дека има нешто чудно во информацијата за продажбата, директорот се правдал дека знае дека тоа не е демократски, ама добил наредба да не се емитува рекламата, за која маркетинг агенцијата што го претставува „Фокус” има закупено рекламен простор и за тоа и се плаќа на „Алфа”.

Така, од минатиот четврток, на „Алфа” не се рекламира ниту неделниот „Фокус”, ниту, пак, во вестите се презентираат содржините на дневниот „Фокус”, како што го прават тоа со другите весници!

КИНИ ТОА РЕКЛАМАТА НА „ФОКУС”!

И, по оваа одлука на телевизијата, за каква демократија ќе зборуваме, за слобода на медиуми и за изразување, ако сопственикот, погоден од информацијата, која да не заборавиме е потполно точна, но некој успешно ја криел 4 месеци, забранува платена реклама на медиум?!

Ова, мора да е некој „демократски рецепт” со примеси од Холандски Антили! Само, замислете сега, што треба да се случи со „Алфа” ако на нивната програма граѓаните се пожалат од работата на јавните претпријатија, градоначалниците, владата. Дали не треба да се собира ѓубрето пред „Алфа”, да им се исклучат телефоните и струјата, независно што редовно си ги плаќаат сметките, туку затоа што некој рекол против тие компании.

Интересен е и моментот кога вработените биле убедувани и по насловните страници на „Фокус” каде што беше пласирана информацијата дека нема ништо од продажбата, информацијата била шпекулација, ама на забелешката, па зошто не демантираат ако не е така – одговорот бил дека тоа не е нивни стил на работа, со деманти!?

Види, богати, еден демократски медиум не се бори со силата на аргументите, туку само со силата. А, за вистината, што би рекол нивниот довчерашен газда Штерјо – МОЖЕ ИЧ К.. НЕ ГИ БОЛИ!

Затоа, сега по продажбата на телевизијата сѐ почести се коментарите дека Штерјо Наков бил уценет да ја продаде телевизијата многу евтино доколку сака да се спогоди со државата, која решила покрај дел од имотот, да го прикаже како еден од тајкуните со кој се раскрстува и се расчистува спорната приватизација.

И овие коментари се многу легитимни во ситуација кога не може да се најде логичен одговор, зошто Штерјо толку брзал продажбата да ја заврши во само еден ден, ако навистина не му горело под нозе.

Оти, тешко ќе поверува некој, дека доаѓањето на Јевросимовиќ овде е случајно. Познато е дека неговата фирма во Македонија работи од 2007 година, по промената на власта, а на тендер набави 55 илјади кинески компјутери за македонските ученици за кои државата искешира 15 милиони долари.

Неделникот „Фокус” во неколку наврати ги анализираше неговите бизнис и политички врски со сегашниот бизнис врв во државава, во Телеком, со луѓе од власта, па затоа сега не е исклучено најавените нови 300 илјади компјутери да ги добие истата фирмана Јевросимовиќ.

Тој, на прашањето на „Фокус” тврдеше дека не ја купил „Алфа”, рече дека ни е погрешната информацијата, ама да се здрави и живи неговите изданија во Скопје, многу јасно ни посочија дека нивниот косопственик ја купил „Алфа”!

Така, „Дневник” во своето електронско издание под налов „Српскиот Бил Гејтс ја купи Алфа” го посочува Јевросимовиќ за купувач, а понатаму ја цитира информацијата на „Фокус” објавена преку Балканската истражувачка мрежа. „Дневник”, зделката ја претстави како сериозна инвестиција, наведувајќи ги сите фирми што ги има Јевросимовиќ и во кој бизнис сфери успешно работи.

– Точно е дека „Графички центар” е сопственик на неколку весници во Македонија, но нашиот интерес е исклучиво во правец на ширење на дигиталните медиуми – изјави Веселин Јевросимовиќ за Б92, по купувањето на „Графички”. Беше најавено дека по принцип на порталот „Телеграф.рс” во Македонија ќе се формира посебна редакција „Телеграф.мк” во која ќе работат 50 новинари, но до сега не е реализиран овој проект.

Токму ова признание треба да му отвори простор за работа на Советот за радиодифузија во делот на концентрација на медиумите. Но, еве што добивме како одговор од СРД – тие немаат ингеренции околу продажбата на „Алфа”, бидејќи според нив, не е продадена телевизијата, туку фирмата што ја основала, а таа не е радиодифузер!

Па, кај нас, со ваков дефектен закон, може било кој да отвори фирма со 5 илјади евра, која ќе биде „чиста” и таа ќе биде радиодифузер, легитимиран пред СРД и него нема да го интересира кој е всушност газдата, кој ги дава парите!?

Се надевам дека некој знае дека во ТВ бизнисот нема пари за самоиздржување и тешко некому ако решил да прави ТВ-бизнис, а да нема други бизниси од каде што ќе ги дава парите за плати. Но, сепак, во еден дел СРД реши да испитува кој е зад радиодифузерот, посебно што е странска фирма. Ви го пренесувам одговорот на Советот:

„Советот за радиодифузија е запознаен со настанатите промени во ТВ „Алфа” и во рамките на своите редовни активности ќе изврши проверка на усогласеноста со член 11 (политичка поврзаност) и одредбите за концентрација на медиуми, утврдено во Законот за радиодифузната дејност.

Овие чекори Советот ги презема кај сите радиодифузери кои се основани од странски или домашни правни лица, со цел да се обезбеди транспарентност на сопственичката структура и спречување на недозволена медиумска концентрација”, соопшти СРД во писмениот допис.

Сепак, СРД, нема да ја разгледува сопственичката структура на „Алфа” ТВ, бидејќи не била продадена директно телевизијата, туку компанијата која ја основала телевизијата и е нејзин 100 отсто сопственик, а за тоа, според законот, не било потребно да се бара мислење од регулаторното тело за медиуми.

Тоа што „Алфа скоп” нема други дејности е прашање на толкување на законот, кој тие што учествувале во неговото донесување во 2005 година признаваат дека напишале слаби одредби, бидејќи не ја познавале оваа материја, па затоа сега се доведуваме во вакви комични ситуации!

„ФЕРШПЕД” СЕ ЖАЛИ

Додека СРД реши да утврдува што се случува околу продажбата на ТВ „Алфа” и зошто таа беше толку мистериозна, „Фокус” секојдневно бараше изјави од првите луѓе во „Фершпед” на оваа тема, но никој не одговори.

Последниот одговор од секретарката на Штерјо Наков беше дека ги има нашите контакти, па ако некој пројави интерес за разговор со нас, ќе не побара. Истиот одговор го добивме и кога се интересиравме за поништената приватизација, каде државата по пет години судење, доби одлука во своја корист, па сега пресудата по жалба е пред апелацискиот суд.

За чудо, завет на молчење си дала и државната правобранителка Оливера Китанова Мицевска, која на прашањето на „Фокус” рече дека нема коментар на тема „Фершпед”. Китанова Мицевска, која лани доби нов шестгодишен мандат, само неколку месеци пред изборот во присуство на тогашниот министер Михајло Маневски, ги посочи „Фершпед”, „Агроплод” и „Славија” како позитивен пример дека, кога државата ќе ги мобилизира силите може успешно да заврши едно преиспитување на приватизацијата. Но, по најновата одлука, Китанова реши да – молчи!

Постапката за поништување на приватизацијата на „Фершпед”, мнозинскиот сопственик на телевизијата, беше покрената во 2003 година од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата, а продолжи да ја води Државниот правобранител, во име на државата во 2007 пред надлежниот суд во Скопје. Во 2007 година, Китанова за поништување на приватизацијата на „Фершпед” тврдеше дека има основани индиции, поткрепени со докази, за „промашена приватизација на шпедитерската компанија во делот на капиталот во општествена сопственост”.

„Бараме преиспитување на постапката и поништување на приватизацијата. Располагаме со многу податоци од Управата за јавни приходи и од Антикорупциската комисија кои работеле на овој предмет, а се консултиравме и со Министерството за финансии”, објаснуваше тогаш правобранителката.

Како и да е, овој текст нема да ги смени работите на планот на медиумите, сопственичките односи, транспарентноста и отчетноста на која инсистира Брисел, но можеби ќе поттикне и други истражувања на овој план, посебно за влијанието на офшор-компаниите и кој навистина стои зад нив.

Оти, позитивниот извештај на ЕК, не значи само чисти хартии и напредок на маса. Некогаш треба да се следи и патот на парите за да и се погледне на вистината в очи, колку и да болела таа како што е случајов со „Алфа”, чие раководство отиде со најнепопуларната и недемократска мерка – забрана за рекламирање. До следниот газда кој ќе се појави во медиумите со фирма од некој егзотичен остров, треба да си кажеме само: За слободата на медиумите – напред!

Што збо­ру­ва­ше КАМ­ЧЕВ во 2007 го­ди­на за НА­КОВ: ПО­РА­ДИ СУ­Е­ТА­ТА НА ШТЕР­ЈО, ОР­КА БЕ­ШЕ ЗАТ­РУ­ПА­НА СО КРИ­ВИЧ­НИ ПРИ­ЈА­ВИ

Во ин­терв­ју за не­дел­ни­кот „Гло­бус” од 2007 го­ди­на, Ор­це Кам­чев збо­ру­ва за се­ри­ја­та кри­вич­ни при­ја­ви под­не­се­ни за за­та­ју­ва­ње да­нок пре­ку „Ор­ка” и не­кол­ку дру­ги фир­ми ре­ги­стри­ра­ни низ се­ла­та во око­ли­на­та на Скоп­је. За кри­вич­ни­от про­гон ќе ре­че де­ка бил ини­ци­ран по­ра­ди по­вре­де­на­та су­е­та на Штер­јо На­ков.

„Уда­рот врз ме­не бе­ше ди­рект­но ини­ци­ран од Штер­јо На­ков. Це­ла­та хај­ка про­тив ком­па­ни­ја­та ја во­де­ше Ни­ко­ла По­пов­ски, то­га­шен ми­ни­стер за фи­нан­сии, но „Ор­ка” се нај­де на удар по­ра­ди су­е­та­та на На­ков. Тој за вре­ме на вла­де­е­ње­то на СДСМ, во пер­и­о­дот од 2002 до 2006, ги за­о­кру­жи си­те свои биз­ни­си и ста­на прем­но­гу мо­ќен. То­гаш им ве­ти на Тур­ци­те, гра­деж­ни ин­ве­сти­то­ри, де­ка пре­ку свои вр­ски во вла­ста ќе им сре­ди да го до­би­јат зем­ји­ште­то кај „Па­но­ра­ма”, иа­ко тоа ве­ќе две го­ди­ни бе­ше во на­ша сопс­тве­ност. Јас де­се­ти­на ­па­ти бев по­ви­ку­ван во ка­би­не­тот на то­гаш­ни­от ми­ни­стер за здрав­ство Вла­до Ди­мов за да им го от­ста­пам про­сто­рот. Ни­што не бе­ше слу­чај­но. Отка­ко го од­бив­ме На­ков, поч­на ка­но­на­да­та на­па­ди врз ком­па­ни­ја­та. По­ра­ди по­вре­де­на су­е­та, На­ков ни ис­пра­ти „за­бра­на” да до­а­ѓа­ме во Але­ксан­дар Па­лас” – ве­ли Ор­це Кам­чев во ин­терв­ју­то од 2007 го­ди­на.

Поврзани новости