Јас сум подготвен да одам во опозиција доколку СДСМ ги потпише барањата од ДУИ , со кои не им се помага ниту на Албанците ниту на Македонците, изјави вечерва во интервју за Тв Нова, Никола Груевски, претседател на ВМРО ДПМНЕ. Ова е прво негово телевизиско интервју по изборите.
-Јас сум подготвен да одам во опозиција доколку СДСМ ги потпише барањата од ДУИ , со кои не им се помага ниту на Албанците ниту на Македонците. Тоа се барања кои само ќе создадат нетрпеливост и ќе не раскараат едни со други. Ние сакаме да им помогнеме на сите , да имаат подобар живот со вработувања, со нови инвестиции, а не такви нелогични барања. Како ќе се разберат граѓаните кога сме 65 проценти Македонци спрема 25 проценти Албанци? Како ќе се разберат лекар со лекар, полицаец со полицаец? Ние сме луѓе кои држиме до даден збор и нелогични работи нема да прифатиме. Инаку, немаме ништо против Албанците, рече Груевски за Тв Нова.
Груевски потенцира дека откако не успеале амбициозните планови за, како што рече, постизборен инжењеринг, тежиштето на борбата, се префрлила на коалицирањето.
-Кога ја видовме дистрибуцијата на пратеничките места знаевме дека тоа е сериозна пречка, но не баравме избори, влеговме отворено во преговорите и видовме дека на другата страна не и се брза. Кога почанавме преговори се соочивме со барањето на ДУИ за двјазничност на цела територија со сите можни последици од тоа. Ние им рековме дека е нелогично да има двојазичност, изјави Груевски.
Тој рече дека деновиве имал средба со Ахмети но, не преговарале.
-Ги оставаме со СДСМ, нека преговараат. Нивната политичка мудрост, на ДУИ, сега е во сериозен пресврт. Доколку одиме во опозиција ќе се бориме од позиција на опозиција и граѓаните ќе видат дека сме најдоверливиот партнер. Најважно е да се бориме за клучните цели и за нашата идеологија, изјави вечерва Груевски.