Груевски: Побрзо да има локални, но и предвремени парламентарни избори

by Fokus

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е ден порано да се организират локалните избори. Најблизок рок е 45 дена од носење на закон со кој ќе се одреди тоа. 45 дена од понеделник е 2-ри јули, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски при посетата на градежните работи на Градскиот стадион во Скопје.

ВМРО-ДПМНЕ бара првиот круг од локалните избори да се одржат на 2 јули и 14 дена подоцна да се одржи вториот круг.

„Она што го гледаме од другата страна е дека немаат расположение за брзи локални избори, инаку ако имаат би го прифатиле овој рок, но очигледно е дека имаат недостаток на самодоверба и се плашат дека ќе ги загубат и бараат колку што е можно подолг период да се пролонгираат, така што од тие причини ние оставивме отворени уште два термина во септември 17 и 24, и последен како најдалечен што би можеле да го прифатиме е 15 октомври. Се понатаму ќе биде грубо кршење на демократските процеси во смисла на редовно одржување на редовни локални избори и покажување на огромен страв и бегање од локалните избори и соочување со народот“, изјави Груевски.

Тој смета дека требало да заврши оваа „изборна атмосфера за да можат и компаниите во една порелаксирана атмосфера понатаму да продолжат да работат во земјата“.

„Сакам да потенцирам дека ова е добра шанса, кога и онака ќе се одржуваат локални избори, да се организираат и предвремени парламентарни, тоа е барање на ВМРО-ДПМНЕ, тоа останува барање на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Груевски.

Поврзани новости