Со неколку уценети сведоци Зоран Заев продолжува со политики прогон и терор врз неистомислениците, реагира поранешниот премиер Никола Груевски откако обвинителството за гонење на организиран криминал поднесе обвинение против него и уште неколку лица за случајот „Плацевите на Водно“, а Кривичниот суд му одреди притвор, но откако ќе биде обезбеден бидејќи од пред неколку години избега во Унгарија, каде доби азил.
Тој во објава на Фејсбук, Заев го нарекува криминалец и обвинува дека под негова раководна палка институциите вршеле и се уште вршат жесток притисок и уцени на луѓе со барање да станат лажни сведоци против него.
-Тој не се двоуми и самиот да праќа пораки до некои од жртвите дека ќе им пружи милост доколку лажно посведочат против мене. Не му е проблем репресиите да одат и до тој степен да некој со денови затворен, да биде лишен и од вода за пиење, ако веќе нема друг начин како делува. Праќањето на сите инспекции во фирми на бизнисмени со задача да им се изврши притисок да станат лажни сведоци е секогаш првата алатка од која почнува, па потоа ако тоа е неуспешно оди понатаму кон други тортури, напиша Груевски.
Според него, на Заев му требаат случаи за да го сврти вниманието од неговите рекетарско-криминални потфати, од бизнисот со марихуаната, а ја споменува и афера со пасошите.
-Се што во овие години прави Зоран Заев еден ден ќе се разобличи и ќе излезе на површина а тој ќе одговара за тоа. Целата негова криминална шема и валкани методи ќе бидат откриени и казнети, напиша Груевски.