Не станува збор кој да се избере, кој да не се избере, станува збор за максимален, крајно очаен обид на СДСМ за одложување на изборите, коишто знаат дека ќе ги загубат, вели премиерот Никола Груевски за изборот на членовите експерти на ДИК за кои политичките партии се уште не можат да се договорат.
-Тројцата експерти во ДИК треба да се двајца етнички Македонци и еден етнички Албанец. По многу перипетии, менувања на ставови на СДСМ и слично, тие предложија двајца македонци коишто ВМРО-ДПМНЕ ги прифати и го затворивме прашањето. Се најдоа во небрано, како сега да го одложат понатамошното договарање за комплетирање на ДИК и се фатија за претставникот што албанските партии го предложија заеднички, па го прогласија за вмровец, изјави Груевски при посетата на општина Кисела Вода.
Тој рече дека било точно дека ВМРО-ДПМНЕ во последните години има се поголема поддршка кај албанското население, но тврди дека со предложениот член немаат никаква врска. Груевски додаде дека што ќе се случува на лидерската средба зависи од „стратегијата на СДСМ за одлагање на изборите по секоја цена“.