Поранешниот премиер Никола Груевски е осуден на казна затвор од една години и шест месеци, а екс министерот Миле Јанакиески на условна казна затвор за „Насилството во Центар“. Условна казна затвор добија и останатите обвинети.
Јанакиески доби условна казна од 1 година затвор, ако во наредните 4 години стори друго кривично дело.
Обвинетиот Александар Трајковски, пак, условно е казнет или ќе одлежи 9 месеци ако во следните 3 години стори ново кривично дело.
Пресудата денеска беше презентирана во Кривичниот суд, при што судијата истакна дека обвинетите се прогласени за виновни.
Овој случај беше отворен за насилството што се случуваше на протестите на 7 и 10 јуни 2013 година пред просториите на Општина Центар. Според обвинителството, протестите ги организирал врвот на ВМРО-ДПМНЕ, а целта не била да се спречи рушење на црквата „Свети Константин и Елена“ на улица „Македонија“ како што се прикажуваше, туку да не дојде до промена на ДУП за „Мал ринг“.