Груевски: Не сум кажал ниту еден лош збор за Албанците

by fokus

Инспириран од новата книга на Доналд Трамп „Повторно величествена“, Никола Груевски во третиот дел од интервјуто за порталот „Република“, објавено денеска прави паралела меѓу односот на јавноста кон новоизбраниот американски претседател Трамп и кон него.

– Знаете, во една смисла, тоа што сакаат да ни наметнат дека сме националисти, и делумно успешно го направија тоа, во голема мера ме потсетува на она што му се случуваше на новиот американски претседател Доналд Трамп. Деновиве ја читав неговата книга, свежо ми е, и затоа ќе повлечам една паралела. (…) Паралелата е со нашиот наводен национализам кон Албанците. Токму ние ги имаме направено најважните работи за нашите граѓани Албанци, никогаш не сум кажал ниту еден лош збор за нив, еве погледнете ги моите настапи за Албанците на митинзите во Штип, во Гази Баба, во Крушево, во Карпош, Велес… и на други места, каде што малку подолго го елаборирав тоа што го мислам за предлогот на Заев и за Албанците. Но, тоа не го имаат чуено Албанците, ним некои медиуми и политичари што се мои противници им врежаа во глава дека ги мразам Албанците, дека сум против нив, дека сум против албанскиот јазик, универзитети, знаме и слично, што е невистина. Тотална невистина. Не само што е невистина, туку е и обратно. И видете, тоа го говорат од СДСМ, партија која во минатото на дело покажа антиалбанство. Значи, паралелата е во спинувањето, во лагите на медиумите и во политичкиот противник без ниту еден факт…- вели Груевски.

И во овој дел од интревјуто тој се освернува на, како што вели, Соросовите невладини организации, за кои вели дека ги врбувале поспособните млади луѓе низ универзитетите, од сите етнички и религиски припадности, и вршеле нивна класична индоктринација преку предавања, во правец дека не треба да се чувствуваат Македонци, туку граѓани на светот.

– Тоа е утопистичка идеја која никаде не функционира, а ние треба да сме експеримент и да ја загубиме државата со таков однос кон неа. Дел од луѓето што заталкале на такви предавања, а примамени од понуди за бесплатни патувања низ светот и лесна заработка со одржување на неколку студентски предавања, ми раскажуваа подробно за оваа индоктринација. Граѓанин на светот добро звучи, ама не е реалност – вели тој.

Во однос на прашањето за двојазичност на целата територија на Македонија, Груевски вели:

– Јазик се учи ако ти треба. Што му треба на некој во Берово, во Крива Паланка или во Демир Капија да учи албански кога во цел град или нема ниеден или има многу малку Албанци. Како ние, политичарите би им ја објасниле на граѓаните таквата одлука. Згора на сѐ, тоа чини многу и финансиски. Ајде вака да кажеме, ајде да замислиме дека политичарите во Македонија ќе донесат одлука со која сите Албанци ќе мора да научат турски или влашки. Сакале-не сакале, им требало или не им требало. Затоа што некому му паднало на памет дека така ќе освои повеќе гласови или некој му кажал така. Генерално, познавањето јазик е позитивна работа и на доброволна основа секој може да прави сѐ, и државата треба да го поттикне тоа, но сосема поинаку е да мора секој да го учи.

Поврзани новости