Двајца членови на државната Комисија за заштита од дискриминација напишаа издвоено мислење по повод одлуката со која Комисијата констатира дека врз осудениот пратеник Никола Груевски била извршена дискриминација во постапката за предметот „Тенк“. Како што Комисијата претходно утврди, Основниот суд Скопје 1 и судијката Добрила Кацарска извршиле дискриминација врз Груевски со непочитување на правото на фер постапка.
Членовите на Комисијата, Ирфан Дехари и Беким Кадриу, пак, велат дека ваквата одлука е политичка.
Во издвоено мислење кое тие го објавија согласно статутот на Комисијата, ги образложуваат причините зошто не се согласуваат со ставот дека Груевски е жртва на дискриминација. Пред се тие наведуваат дека одлуката е донесена на седница во понеделник (5 ноември 2018), а не во четврток кога вообичаено се одржуваат седници.
Веројатно, наведуваат тие, мнозинството се брзаше да донесе мислење во полза на подносителот.
„Во мислењето на мнозинството, проблематична е особено основата на дискриминација. Дискриминацијата секогаш се случува врз некоја основа, како етничка припадност, пол, род, попреченост, сексуална ориентација, возраст, семеен статус, здравствен статус и сл. Мнозинството на Комисијата за заштита од дискриминација смета дека постои директна дискриминација врз основа на „личен и општествен статус“ на подносителот на претставката…“ пишува во издвоеното мислење каде се додава дека сепак, мнозинството со ништо не докажува дека поради таквиот „статус“ Груевски има понеповолен третман.
Овој „статус“, наведуваат Дехари и Кадриу, мнозинството во Комисијата само го користи за да утврди дискриминација знаејќи дека нема друг основ.