Две нови странски инвестиции кои треба да се реализираат до крајот на овој месец, најави денеска премиерот Никола Груевски.
– „Кап-кон“ ја отвора својата фабрика наскоро. Тоа е американска глобална компанија од автомобилската индустрија. Тие се речиси готови и многу брзо почнуваат со производство. Втората е всушност втората фабрика на италијанската „Технокозе“, четири пати поголема од првата која е во самиот финиш. Веќе започнаа некое пробно производство и наскоро ќе биде отворена оваа нова фабрика. Овие две фабрики ќе вработат најмалку 500-тини луѓе – изјави Груевски, додавајќи дека во текот на овој месец можно е да се официјализира и влез на уште една глобална американска компанија која дополнително би вработила уште 500-тини лица.
Од друга страна, опозицијата обвинува дека власта и Груевски се фалат само со виртуелни инвестиции, а слободните економски зони зјаат празни.
„Додека Груевски зборува за виртуелни инвестиции во најава Народна банка го демантираше со официјални бројки. Според податоците од Народна банка во третиот квартал од оваа година во Македонија влегле само 8,5 милиони евра странски инвестиции. Во просек, тоа значи дека месечно, едвај по 2,8 милиони евра странски инвестиции влегуваат во Македонија, што е премалку“, сметаат од СДСМ.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираше дека во нивно време имало 4 пати повеќе инвестиции споредена со периодот на нивните конкуренти.
„Во Македонија се произведуваат делови за БМВ, Порше, Бентли, се прават автобуси за Гугл и Дизниленд. Гентерм ќе прави делови за Ферари, Бентли и БМВ. Во Македонија во време на СДСМ се произведуваше надеж дека во земјата ќе влезе Ауди, но провизијата за Македонија на СДСМ ја победи потенцијалната инвестиција“, велат од ДПМНЕ.