Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска бил на средба со амбасадорката на ОБСЕ, Нина Соумалаинен. Средбата била на барање на амбасадорката, а Груевски и рекол дека најдобро е да се организираат предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори.
На прашањето доколку СДСМ формира Влада, дали таа ќе биде прифатлива за партијата, од ВМРО-ДПМНЕ било одговорено дека секоја партија која носи одлука за формирање коалиција без партијата која добила најмногу гласови и најголема поддршка од народот на изборите, треба да знае дека во исто време носи одлука да се соочува со проблеми во иднина својствени на ситуации кога се игнорира волјата на мнозинството граѓани.
-Доколку сега се отстапи од тој принцип победник да коалицира со победник, и свесно се прекрши, секој еден кој во иднина кога ќе се сменат околностите, ќе помисли да дојде и повторно да се обиде да не убедува да го воспоставуваме тој принцип, треба да знае дека без дискусија ќе биде избркан од штабот на партијата, а партијата ќе коалицира со кого ќе оцени дека е најдобро за самата партија и земјата, како што е и во другите држави, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.