Случајот „Тенк“ на СЈО стигна до пресуда која треба да биде изречена оваа среда. Како што најави одбраната минатата недела на завршните зборови, обвинетите ќе се обидат да се спасат од осудителни пресуди во овој предмет со барање до судот предметите да бидат отфрлени поради застареност на делото.
Одбраната на последното рочиште каде што ги кажа своите завршни зборови, рече и дека обвинетите не можат да бидат прогласени за виновни затоа што предметот е застарен и има т.н. релативна и т.н. апсолутна застареност. Со самото ова законот вели дека пресуда не може да се донесе.
Релативна застареност е периодот од онолку години колку што во законот е предвидена највисоката казна за делото за кое е обвинет обвинетиот, кој почнува од моментот на сторување на делото, пишува „Курир“, близок до опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Телефонските разговори меѓу Груевски и Јанкуловска, кои се користат како доказ во постапката, датираат од 2012 година.
„Три години после февруари и март 2015-та година, кога уште бомбата од Заев не е ниту пуштена во јавност, а СЈО не е ни формиран, веќе има релативна застареност. СЈО е формиран на 15-ти септември 2015-та година, а пак снимките ги презема од СДСМ дури на 30-ти декември истата година, а обвинителските активности почнуваат тек после тоа. Од ова може да се сфати дека има јасна релативна застареност. Апсолутна застареност е ако во рок двојно подолг од максималната казна не завршил случајот правосилно. Тоа во овој случај е шест години, односно во февруари или март 2018-та година, што значи дека веќе неколку месеци има и апсолутна застареност“, пишува порталот.