Груевски: Ќе ја почитуваме работата на Јанева

by Фокус

-И додека не критикуваа дека нема слобода, тие самите докажаа дека има слобода и тоа дека има бааги слобода. Многумина знаат да кажат „сме им дозволиле да ни се качат на глава“, некои тоа го толкуваат како слабост, некои ќе си речат „Абе ги држат со нешто и затоа вака оди работата“. Да беше така, ова одамна ќе беше завршено. Ова во Македонија е поголема битка од она што изгледа. Ова во Македонија е битка за Македонија! На кого тоа не му е јасно досега ова е добар ден да го нагласиме тоа. Битка многу поголема од дневните авантури на опозицијата, која свесно се става во улога на алатка, рече премиерот Груевски во говорот по повод денот на ВМРО- 23 октомври.

Договорот од јуни и јули во Скопје, треба да се почитува во целост, како што е договорен и напишан, без проширувања од рамките во кои е поставен и без разни толкувања и дополнувања во зависност од политичките интереси на партиите, смета Груевски.

-Договорот е јасен и напишан и треба да се почитува. Тој договор е сам по себе договор, и тој не може да служи како појдовна точка за нови преговори за нови договори од кои почетна точка е тој договор. Секој политичар и секој кој сака да помогне во реализацијата на политичкиот договор треба да пристапува со максимална сериозност, одговорно и посветено. Треба да го почитува тој постигнат договор. Зборот не може да биде збор за нов збор. Зборот е збор сам по себе. Тој што потсетува за зборот треба да потсети на друго место, а не пред македонскиот народ, македонскиот народ и сите граѓани на Македонија знаат што е даден збор, додаде премиерот.

Според Груевски, основна и единствена целта на договорот била да се организираат избори на кои народот ќе може да одлучува во фер и демократски услови кои нема да создадат сомнеж за некаква нееднаквост, за дискриминација или фаворизација. Изборите се финалната цел на тој договор, заради која постојат другите одредби од договорот, кои се патоказ како да се стигне до финалната цел – изборите.

-Министрите и замениците со право на вето согласно договорот треба да осигураат балансираност на институциите и одвраќање од потенцијална улога на институциите во фаворизации и дискриминации, и тоа е функцијата на овие лица. Тие треба да ја обезбедат демократијата, а не да бидат алатки во политичкатата функција. Тие треба да го бранат, а не да го напаѓаат правото на глас. Тие треба да не дозволат влијанија на институциите во изборниот процес, а не да прават влијание во изборниот процес. На ист начин треба да дејствува и специјалниот јавен обвинител, чија работа целосно ќе ја почитуваме и ќе ја подржуваме во сите елементи кои се предвидени со договореното. Ние немаме од што да стравуваме. Сакам да верувам дека и нашите политички конкурентни нема од што да стравуваат. Ако стравуваат од нас, нема потреба да стравуваат, бидејќи ние од нив не стравуваме. И не треба да стравуваме едни од други, треба да стравуваме само од народот. Јас  барам народот да одлучи на кого му верува.Граѓаните добро не знаат сите нас политичарите, и ние немаме од што да стравуваме, не, ние напротив се радуваме на денот на изборите и го исчекуваме, ние инвестираме политички капитал за тој ден 24- април да биде празник на демократијата, ден во кој сум длабоко убеден дека ќе изчезнат сите политички магли, истакна Груевски.

 

 

Поврзани новости