Но, се поизвесно е дека премиерот нема да се појави во судница, бидејќи истиот ден, во исто време, точно напладне, во Собранието ќе се врши избор на новата Влада. Па, така, се претпоставува дека премиерот ќе присуствува на седницата, каде што и официјално ќе биде назначен за премиер.
Засега немаме информација дали на обвинителната клупа ќе седне и Заев, бидејќи присуството на подготвителното рочиште не е задолжително ниту за тужителот и тужениот. Сигурно е дека ќе се појават адвокатите на лидерите на партиите, кои треба да го информираат судот дали странките се подготвени да се спогодат вон судски.
Премиерот Груевски тужбата против Заев ја поднесе на 30 мај, а со неа бара отштета од неверојатни 500.000 евра. Премиерот бил наклеветен од Заев кога на прес коференција обвини дека учествувал во наводната криминална продажба на „Македонска банка“. Лидерот на СДСМ објави снимка на која тврди дека бил снимен Груевски како преку посредник ја договарал продажбата на банката на српскиот бизнисмен Јовица Стефановиќ Нини.
Ниту од Владата, ниту пак од СДСМ официјално не добивме одговор дали Груевски и Заев ќе присуствуваат на првото рочиште.