Ако народот се прашуваше на изборите, ВМРО-ДПМНЕ со Коалицијата ќе беше на чело на владата, но овој пат се случи нешто друго и затоа сега живееме во помрачување, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од митингот во Тетово.
-Ако бараме добро во тоа зло што и се случи на Македонија, добро е што народот може да направи разлика. Од времето кога се работеше и се создаваше, кога се градеше и се решаваа проблеми, кога се зацврстуваше државата и кога се бранеа националните и државните интереси. И да се направи разлика со ова време кога незаконски се работи и насилнички, кога се работи спротивно на волјата на народот, кога се склучуваат штетни договори како оној со Бугарија каде се прифати да се менува историјата на македонскиот народ, каде што се прифати да се откажеме од македонското малцинство во Бугарија и каде се направија отстапки на штета на Македонија, се прават максимални обиди да се донесат неуставни закони, време во кое едно се зборува, а друго се прави – порача Груевски.
Тој потсети дека СДСМ зборуваше дека нема да донесат мигранти во Македонија, а направија стратегија да се донесат 150.000 мигранти.