Поранешниот премиер Никола Груевски, екс министерот Миле Јанакиески, како и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, денеска во Кривичниот суд ќе ги преслушуваат „бомбите“ кои СЈО против нив ги користи како доказ во случајот Т.Н.Т., односно за уривањето на Космос. Станува збор за 26 аудиоснимки од телефонски разговори, 50 СМС-пораки и едно вештачење.
Судијата донесе одлука обвинетите овие разговори да ги слушнат во судот, бидејќи СЈО не дозволи да ги добијат на цедеа.
Поради тоа денеска нема да се оддржи денешното судско рочиште за овој случај. Од Кривичниот суд велат дека за датумот кога ќе продолжи судењето дополнително ќе информираат.
Во случајот „Т.Н.Т“ обвинети се седум лица за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина Фијат Цаноски.
Според Обвинителството, со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а дополнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари. Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета.