Во денешната „бомба“ што ја објави опозицијата, се слуша разговор помеѓу премиерот Груевски и Силвана Бонева, каде што премиерот предложува активирање на „потпишаните пратенички оставки“ за оние пратеници кои не се залагале доволно. Силвана Бонева му одговара дека веќе ги предупредила пратениците од „стариот состав“ дека „писмените оставки не се за џабе напишани“. Му предложува на премиерот да ги собере и да им каже дека ако не им се работи, веднаш ќе бидат активирани бланко-оставките.
Во дваесетминутниот разговор меѓу Груевски и Бонева, претеничката на ВМРО-ДПМНЕ му се жали на премиерот дека е незадоволна од однесувањето на неколку пратеници, кои не биле редовни на седници, не доаѓале на гласање за одделни битни закони, дека седеле и пушеле по кабинетите и дека не биле дисциплинирани.
И претходно во јавноста се зборуваше за наводните блако-оставки кои пратениците на ВМРО-ДПМНЕ морале да ги потпишат за да бидат ставени на избирачката листа. Се спомнуваа и меници на огромни суми пари заверени на нотар. Се шпекулираше со бројки од 200 и 300 илјади евра по пратеник.