Осудениот екс премиер, Никола Груевски, од Будимпешта, каде е во бегство, објави нов статус на својот фејсбук профил, во кој ја демантира изјавата на грчкиот премиер, Алексис Ципрас, дадена за Financial Times. Ципрас изјави дека се обидел да иницира договор за спорот за името уште за време на владеењето на Груевски, но дека тој одбивал каква било средба.
Според Груевски, Ципрас никогаш не предложил такви разговори.
„Крајот на мојот мандат и почетокот на мандатот на Ципрас се поклопија само една година, а тоа беше од почетокот на 2015 до почетокот на 2016 година. Со г-динот Ципрас се сеќавам на само две меѓусебни комуникации. Првата, кога по неговиот избор за Премиер на Грција, некаде во февруари 2015 имав телефонски разговор на мој повик чија цел беше да му ја честитам функцијата премиер и да воспоставиме првична комуникација и обид за соработка. Во тој разговор, јас нему, а не тој мене, му предложив оној момент кога ќе биде подготвен да се сретнеме и разговараме за наоѓање решение по однос на прашањето заради кое Грција ги блокираше нашите европски и евроатлантски интеграции, посочувајќи дека времето и местото за средба може тој да ги избере. Неговиот одговор беше формално гледано позитивен и рече дека штом ќе биде во можност ќе ме побара за да разговараме за тоа прашање. Никогаш потоа не се јави“, пишува Груевски.
Според Груевски, Ципрас има голема причина да е среќен и задоволен од Преспанскиот Договор, бидејќи, како што вели, Грците премногу добиле како нација, додека Македонците премногу изгубиле.
„При такви екстреми, историски гледано, другата страна која е толку силно уценета, поразена и понижена, по некое време, кога некои околности ќе се променат, колку и да е тоа долго време подоцна, има силен нагон и потреба на еден или друг начин да го поврати загубеното. Затоа, за трајно решение во вакви децениски спорови, за решение со долгорочна одржливост, подобро е за двете страни ако се постигне разумен компромис, по правичен компромис, одколку вакво ,,виткање рака,,. Јас се трудев да постигнеме одржливо и многу по праведно решение со кое двете страни ќе можат засекогаш да живеат, да бидат блиски и да се почитуваат“, вели Груевски и статусот го завршува со „Децениите пред нас ќе покажат, кој бил во право“.