Претседателот на Собранието, Трајко Велјановски пред малку ги констатираше оставките на министерската Гордана Јанкулоска и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Премиерот Никола Груевски истакна дека министрите ги поднеле оставките, бидејќи сакале да придонесат за нормализирање на политичката состојба во државата, која била разнишана од монтираните, лепените и сечените прислушувани разговори, кои ги објавувал лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев.
Премиерот ги пофали досегашните министри, истакнувајќи дека станува збор за исклучително посветени и работни луѓе. За министерката Јанкулоска и првиот човек на УБК, Сашо Мијалков рече дека одлучно се бореле против криминалот и корупцијата, па затоа им станале трн во окото на сите криминалци, без разлика дали се осудени или аболицирани. Премиерот како исклучителен успех на МВР ја посочи полициската акција во Дива Населба во Куманово.
За министерот, Јанакиески рече дека многу ќе му недостига во Владата бидејќи не се штедел и работел по 15 часа на ден. Груевски имаше пофални зборови и за новите кандидати за министри, Митко Чавков и Владо Масајловски. Потсети дека Чавков веќе 28 години работел во МВР со ниту една дамка во неговата кариера, а Мисајловски имал искуство како државен секретар во министерството за транспорт и врски, а бил државен секретар и во МНР.