Камбаните бијат за тебе!

by Фокус 12:36
12:36

No man is an island,
Entire of itself,
Every man is a piece of the continent,
A part of the main.
If a clod be washed away by the sea,
Europe is the less.
As well as if a promontory were.
As well as if a manor of thy friend’s
Or of thine own were:
Any man’s death diminishes me,
Because I am involved in mankind,
And therefore never send to know for whom the bell tolls;
It tolls for thee.
John Donne

Ниеден човек не е остров
Сам за себе
Секој човек е дел од континент
Ако морето одрони грутка
Исто е како да исчезнала планина од Европа
Нечија земја
Твоја земја
Со смртта на секој човек умира дел од мене
Затоа што јас сум дел од човештвото
Затоа не прашувај за кого бијат камбаните
Тие бијат за тебе.
Џон Дон

- Advertisements -

Сé уште не сум сигурна дали е в ред да го пишувам ова, кога мојата држава е завиена во црно.

За мене бунтот против власта имаше шарм заради граѓанска непослушност, демонстрацијата на еден нов вид колективна култура, промоцијата на духовитост, урбаниот цинизам и демократијата низ насмевки. Организираните провокатори кои се обидоа да ги извалкаат целите и намерите на протестите – не беа дел од таа слика.

Се „случи“ Куманово. Се изгубија млади животи во виорот на едно безумие. А, не требаше и не мораше да се случи. Оставките на Јанкулоска, Јанакиески и Мијалков, не ми се никаква сатисфакција за десетиците напишани колумни, за десетиците изодени километри низ скопските улици, за десетиците протести пред Владата, Собранието и МРТВ, за десетиците состаноци на Професорскиот пленум, за десетиците измрзнати часови во аулите со Студентскиот пленум… Ништо не е вредно за човечкиот живот, за една детска солза, па дури ни оставката на Груевски.

Која идеја и кој збор имаат значење пред траорот на мајките без синови, сопругите без мажи и децата без татковци? Дека нивните најблиски загинале во успешна полициска акција во борба против терористи? Дека ги дале животите за да се спасат илјадници граѓани на Македонија?

Верува ли некој во тоа?

Верува ли некој од акционерското друштво наречено Влада на Република Македонија, дека непроживеаните радости и таги, неостварени планови и неотсонувани соништа на изгубените животи, вредат 100 илјади евра?

Верува ли некој дека власта вреди повеќе од насилно прекинати човечки судбини?

И затоа, јас можам да му порачам на Груевски дека ќе продолжам да протестирам пред Владата.

Стоејќи и чекајќи. Додека не ги чујам камбаните.

универзитетски професор Гордана Попсимонова

Поврзани новости