Во вечерашното интервју за „Клик плус“ на ТВ 21 претседателот Пендаровски даде коментар за потпишаниот указ за измените на Кривичниот законик и изнесените обвинувања од страна на опозицијата.
„Опозицијата ме обвинува дека со потпишувањето на указот за измените на Кривичниот законик сум се додворувал на СДСМ и ДУИ за поддршка за втор мандат и дека измените на Кривичниот законик се однесуваат на сегашните функционери, кои кога нема да бидат на власт нема да одговараат бидејќи ќе го нема членот 353. Но, доколку е така, нека објаснат како измените, односно често споменуваниот член 353 ги опфаќа и функционерите на ВМРО-ДПМНЕ како Антонијо Милошоски, Игор Јанушев, Миле Јанакиески, Димитар Димовски“ рече Пендаровски.
Тој додаде дека се слушаат наводи дека измените на Кривичниот законик се прават за амнестирање на поранешниот премиер Груевски и негово враќање во земјата, но, како што рече, еве помина веќе месец и пол, а Груевски е во Будимпешта.
Опозицијата направи кворум за донесувањето на измените на Кривичниот законик и е последна која треба да коментира за ова прашање, дополни претседателот Пендаровски.