Судењето за насилствата пред Општина Центар, во јуни 2013 година, продолжува на 28 септември со завршни зборови на одбраната.
На денешното рочиште, завршни зборови дадоа Обвинителството и одбраната на обвинетите Никола Груевски и Александар Трајковски.
Адвокатот Јовица Страшевски, бранител на обвинетиот Трајковски, во завршен збор пред Судот пушти неколку видеа од протестите на Шарената револуција пред канцеларијата на претседателот, од пред Собранието и Владата.
– Може да видите како се оштетува канцеларијата и зградите, како се навредуваат случајни минувачи и полицијата, но обвиненијата за сите се за учество во толпа, а не за насилство, изјави Страшевски.
Обвинителството, нагласи тој, не го докажа во ниту еден елемент делото насилство и барам да биде ослободен.
Обвинителката Фатиме Фетаи во завршен збор побара од Судот казните за поттикнувачите на насилствата пред Општина Центар, Никола Груевски и Миле Јанакиески да бидат најстроги за да се одвратат сите други од такви намери во иднина.
– Предлагам судот да ги прогласи виновни и да им изрече соодветни казни, а притоа да се има предвид и интензитетот на дејствијата. За поттикнувачите немам сомнеж дека треба да бидат најстроги за да се одвратат сите други од такви намери. Во однос на извршителите сите ги извршиле дејствијата, меѓутоа само за Игор Бошковски предлагам алтернативна казна поради интензитетот на неговите дејствија, изјави Фетаи.
Адвокатот по службена должност, на првообвинетиот Никола Груевски, рече дека целото дело се докажува само со еден разговор што е нелегално прибавен и затоа го оспоруваат.
– Помилувањето за ова дело за Никола Груевски не може да се отповика. Тоа постоело во моментот на покревање на ова обвинение и Судот не смеел да го прифати, изјави бранителот на Груевски.
Процесот го води судијата Душко Јосифовски.
Обвинителството на почетокот се откажа од гонење на обвинетите Даниела Рангелова, Милан Андонивски и Борче Богдановски.