Поранешниот премиер Никола Груевски од Унгарија напиша нов статус на Фејсбук во кој демантира дека имал средби со Бојан Јовановски.
-Во врска со во последно време распространетите шпекулации дека сум имал некакви средби со лицето Бојан Јовановски во Будимпешта, а во контекст на случајот “Рекет”, сакам да демантирам дека тоа е неточно.
Според таа неверојатно измислена приказна, излегува дека јас сум ја контролирал и актуелната влада, нивни високи функционери и нивната верна 1Тв, која патем речено мене континуирано и најжестоко ме критикуваше… Вистината е дека никогаш во животот не сум го сретнал ниту сум имал било каков посреден или непосреден контакт или комуникација со лицето Бојан Јовановски. Народот треба да внимава за што и кому ќе верува. Актуелната власт во заминување ќе ги искористи сите нечесни и незаконски методи за да остане на власт користејќи лажна пропаганда која ќе има задача да шири лаги и невистини, ќе дава лажни ветувања на гласачите, ќе врши притисоци и уцени, ќе отвораат и водат лажни политички мотивирани истраги, ќе поднесуваат исто такви обвиненија, ќе врши притисоци за нарачани пресуди, ќе апсат неистомисленици и ќе одат дотаму што ќе врши масовен поткуп на гласови до обиди за лажирање на изборите, тврди Груевски.
Тој се осврна и на лустрацијата која периодов е актуелна поради предлогот за нејзино поништување. Груевски вели дека тој никогаш не нарачал некое невино лице да биде лустрирано.
-Во врска со актуелните дискусии и обвинувања дека нечии лустрации лично сум ги нарачувал, сакам јавно да изјавам дека никогаш од ниту еден член на комисијата за лустрација не сум побарал конкретно лице да биде или да не биде лустрирано. Да се нарача за човек што е невин да биде лустриран и да се прогласи за кодош е еднакво голем злостор со злосторот кој го правеле самите кодоши и соработници на службите за време на комунистичкиот режим и такво нешто не можам ни да помислам. Имав доверба во комисијата и никогаш не сум побарал од истата такви неетички и незаконски дејствија за никого, независно дали бил мој политички поддржувач или најголем можен политички противник.
Гледано од личен и приватен аспект, трудејќи се да не се мешам во една таква болна и чувствителна тема, можам да кажам дека лустрацијата и моето не вмешување во истата, само ми наруши едно повеќедецениско пријателство со човек чиј брат беше лустриран, но и три други пријателства со луѓе со кои имав добра комуникација и соработка не знаејќи за нивните активности во минатото и дека по извесен период ќе бидат лустрирани од државната комисија, вели Груевски.