„Груевски бил организатор на пучот, а Ченто бил пресреќен затоа што мислел дека Села е мртов“, што открива сведочењето на заштитениот сведок?

by fokus

Осудениот екс премер, Никола Груевски, вчера за прв пат пред јавноста беше поврзан со насилниот упад во Собранието, кога обвинителката, Вилма Русковска, во своите завршни зборови го раскажа исказот на заштитениот сведок C1. Овој сведок на обвинителството сведочеше зад затворени врати. Бидејќи на новинарите тогаш им беше забрането да присуствуваат во судската сала, јавноста вчера за прв пат ги слушна неговите зборови.

Заштитениот сведок генерално пренесува што го кажал обвинетиот Јане Ченто. За Ченто рекол дека бил во постојана комуникација со поранешниот шеф на БЈБ, Митко Чавков и со обвинетиот Александар Василевски Нинџа, кој наводно ги координирал лицата со фантомки.

С1 тврдел дека Ченто учествувал и во тепањето на пратеникот Зијадин Села. Тој посведочил дека Ченто лично му кажал како до смрт го гази Села.

„Кога излегол од Собранието Ченто бил убеден дека Села е мртов и бил видно среќен и расположен поради тоа“, рече Русковска.

Таа додаде дека според исказот на заштитениот сведок Ченто бил нон стоп во комуникација со Митко Чавков од кого добивал насоки во случај на влез во Собрание да се онеспособат камерите и каде може да се наоѓаат пратениците кои се цел на нападот.

Обвинителката во своите завршни зборови се задржа многу малку на Ченто. Како доказ таа ги спомена снимките од мобилни телефони каде се гледа како Ченто го вперува прстот кон пратениците во Собранието на 27 април, и како упатува закани кон нив.

„Потоа се гледа како со нога го удира во стомакот пратеникот Зоран Заев по што тој веднаш се наведнува наназад и двете раце ги става на стомакот“, рече Русковска.

Вештачењето на мобилен телефон одземен од обвинетиот Оливер Поповски, рече Русковска, пак покажува дека Ченто му задал удар и на Села.

„Можевме да видиме како обвинетиот Јане Ченто со дрвен чадор го удира по глава пратеникот Зијадин Села додека истиот се уште се наоѓа заедно со другите нападнати пратеници“, рече обвинителката.

Исказот на заштитениот сведок беше споменат и во обвинението против Чавков каде за прв пат како организатор на упадот се јавува името на Груевски. Според исказот на С1 Груевски стои зад „организацијата на пучот во Собранието“.

„Сведокот С1 на главна расправа појаснува дека по настаните од 27.04. Јане Ченто заедно со Нинџа имале состанок и постојани комуникации со Митко Чавков на кого му биле лути, бидејќи тој директно ги организирал за настаните во Собрание по директива на Никола Груевски, а сега ги оставиле на цедило, за да на крај изјави дека Јане Ченто му кажал дека во позадината, односно во организацијата на пучот стои Никола Груевски, а дека комуникацијата на Јане Ченто со Чавков се одвивала преку апликацијата Вибер“, рече Русковска пренесувајќи ги зборовите на заштитениот сведок.

Сепак тврдењето на сведокот е раскажување од втора рака, односно тој пренесува работи што му ги кажал Ченто. Поради тоа на неговото сведочење не би можело да се заснова евентуалното обвинение за организаторите на упадот во Собранието.

Обвинителката Русковска, пак, во изјава во медиумите рече дека најверојатно наскоро ќе биде издадена наредба за да се отвори истрага која ќе ги опфати оние кои ги давале наредбите на критичниот ден. Со тоа на обвинителна клупа би седнале оние кои биле на врвот на структурата што го организирала насилниот чин.

Во изложувањето на докази против обвинетиот Игор Југ, Русковска уште еднаш и последен пат го спомна заштитениот сведок. Како што рече обвинителката, лицата со фантомки имале намера да ги убијат Заев, Села и Манчевски.

„Јане Ченто ,Игор Југ и Димче Христовски Жабата имаа пиштоли внатре во Собранието, со тоа што во еден момент Игор Југ и Жабата ги извадија пиштолите, но Јане во тој момент не го извади пиштолот. Имаа намера да ги убијат Заев, Села, Манчевски“, рече таа.

М.В.

Поврзани новости