Груевски бара стегање на ременот, а милиони марки фрла на дебилни реклами!

by Фокус

Со наднаслов „Скапите играчки на „ергенот на годината“ пред точно 13 години Фокус објави анализа за рекламите што актуелниот премиер, а тогашен министер за финансии Никола Груевски ги трошел за реклами. Очигледно, по толку години, ништо не е сменето.

Фетишот тешко се менува – во тој период, кога Груевски побарал да се штеди на патувања и на јавни набавки, почнале „бомбите“ од владини реклами, со цел, како што се вели во текстот, под своја капа да се стават медиумите. Што е уште поинтересно, не се сменила ниту „транспарентноста“ на институциите во однос на владините реклами. Од Министерството за финансии Фокус не добил одговор за тоа колку чинеле „скапите играчки“ на Груевски, кој во тоа време бил еден од најпосакуваните ергени во државата.

Текстот е објавен на 8 јуни 2001 година во 312 број на неделникот „Фокус“. 

Пишувала
Мери ПОПОВСКА

Минатата недела министерот за финансии Никола Груевски на владина седница побара од сите министерства да ги намалат буџетските расходи за најмалку 15 отсто. Тој побара од своите колеги максимално да ги намалат трошоците за патување во странство и да ги стопира сите тендери за јавни набавки што се неопходни во овој момент, за да се намали опасноста од голем буџетски дефицит.

Ништо чудно, би рекле. Арно ама, веднаш по прилозите во кои беше соопштено дека пицата на најпосакуваниот ерген му се чини мала, телевизиите нѐ бомбардираа со реклами во кои некои кутри луѓе зборуваат за некакви акции иако и тие веројатно не знаат што зборуваат. Реклами кои ги финансира токму Груевски. Значи, истиот човек кој бара да се затегне каишот, се расфрла со некакви пари со сомнителна оправданост (сега мислам, кога веќе го испокрадоа народот и на малиот акционер му ги одзедоа и акциите и достоинството) за кои се плаќаат огромни суми.

РЕКЛАМИ ЗА МАЛИ ДЕЦА

Навиката да форсира некакви кампањи кои ги плаќаат граѓаните, Груевски ја има уште од влегувањето во Владата на Георгиевски. Овие кампањи тој ни ги објаснува како западни искуства, иако и од авион се гледа дека тие се средства за контролирање на медиумите. Се разбира, сето тоа со нашите пари. Додека кампањата „Купувајте македонски производи“ и можеше да се оправда, она што следуваше потоа, да не е трагично би било смешно. Така, Груевски ни објаснуваше како се полни и празни пица буџетот, иако ние добро знаеме кој и како го празни. Особено впечатлив беше оној спот кога децата на оние кои се збогатија и во време на Груевски, учат во распаднато училиште. Демек, откако ќе го видат спотот, на нивните татковци ќе им текне што правеле и ќе почнат да плаќаат даноци за да градиме училишта. Арно ама, тука има една мала фалинка. Спотот е далеку од реалноста. Децата на арамиите не можат да накиснат од дождот кој паѓа во нашите училишта затоа што тие воопшто и не учат во нив туку малку позападно од нас. Уште повпечатливи се спотовите за нашите акции. Не е јасно кому тоа Груевски му објаснува како да работи со своите акции кога акциите се кај директорите на кои тој им овозможи да ги ограбат работниците. Или можеби рекламите им се наменети на работниците од „Годел“, „Македонка“ или некој друг загубар, кои немаат леб да јадат. Работниците одамна веќе немаат акции, а оние кои што сега ги имаат акциите, веќе одамна знаат како се работи со нив.

 

ЕРГЕНОТ ИМА ЛЕСНА РАКА

Сето тоа многу добро го знае и Груевски, но очигледно тоа не му значи многу. Та тој не ни пушта спотови оти се грижи за нас, туку затоа што на тој начин ги држи во рака медиумите. Се разбира, со нашите пари. А за таа цел вреди да се поарчат и милионски суми. Покрај снимањето на спотови за кои се земаат дебели хонорари, дебели се и парите кои се плаќаат за емитување на рекламите. Лекциите на Груевски обично се пласираат во печатените медиуми на цела страница, а едно објавување, на пример во „Дневник“ или во „Утрински весник“ чини во просек, со попустите, околу 600 германски марки. Значи, читањето на лекциите на Груевски во текот на еден месец во еден дневен весник, го празни пица буџетот за најмалку 16 илјади германски марки. А има 6 дневни весници на македонски јазик и 2 на албански јазик. Покрај тоа, Груевски си ги рекламира кампањите и во некои неделници. Се разбира, не ги дискриминира ниту електронските медиуми, иако рекламирањето таму е малку поскапо. Така, рекламирањето на А1 телевизија и на Сител кои се гледаат во цела Македонија, во просек чини околу 15 германски мари за секунда. На МТВ 20 германски марки за секунда, а на скопските телевизии околу 7 германски марки во секунда. Доколку спотовите се емитуваат 2 пати дневно во траење од една минута, на А1 тоа чини 54 илјади германски марки месечно. Кога сето тоа ќе се помножи со бројот на телевизиите…

Значи, за кампањите на Груевски се трошат суми со шест нули. Можеби овој податок може да му послужил како идеја на Груевски за нов спот. Да направи пица и да ни објасни колку нѐ чинат неговите лекции.

Се обидовме да добиеме информации од Министерството за финансии за висината на средствата кои се трошат во нивните кампањи, но одговор, очекувано, не добивме.

Поврзани новости