Единствениот кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Никола Груевски на партискиот конгрес кој е во тек, рече дека тимот кој победувал, не се менувал, но доколку некој од тимот се замори, тогаш требало да смени. Со ова се отвора простор за промени во Извршниот комитет на партијата или во Владата. Претходно, Груевски изрази благодарност до членовите на Извршниот комитет, кои „направиле многу за земјата и за партијата.“
Што се однесува до „бомбите“ кои ги објавува опозицијата, сегашниот и иден лидер на ВМРО-ДПМНЕ рече дека тие сакале истрага и за наводните прекршувања на законот кои ги прави СДСМ и за она за што тие се обвинети.
-Овие бомби независно колку разговорите се монтирани, лепени и сечени, сепак, многумина од нас подлегнаа, ни ги збија редовите, не потсетија дека нема време и простор за опуштање, дека колку и да е слаба опозицијата секогаш има некој што може да нападне со силно оружје колку и да е тоа нефер или недозволено. Бомбите дополнително не созреаја и не направија поконцентрирани за да му служиме на народот. Ова е за сите нас корисна лекција, подобро скокање во ладна вода сега кога не сме се опуштиле, отколку да добиевме ладен туш од граѓаните на следни избори, рече Груевски.